ОД ШУТКА ДИРЕКТНО ВО СУДНИЦА, ПОЧНА ПРОЦЕСОТ ПРОТИВ ПАНЧЕВСКИ

0
120

По скоро цела година потрага по разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, денеска во Велес почна судењето за злоупотребите со компјутерската распределба на предметите кај судиите познат како АКМИС систем. На самиот почеток реагираше адвокатот на Панчевски, Петро Јанура кој меѓу другото рече дека се’ додека обвинителството не приложи доказ а судот не утврди дека Владимир Панчевски е разрешен од функцијата судија се’ дотогаш тој има имунитет, не смее да биде во притвор и мора да се брани од слобода.

Веднаш по ова, преку соопштение се огласи Врховниот суд, во кое меѓу другото пишува дека Советот за одлучување веќе расправал по жалбата што до судот ја поднел Панчевски на 25 декември 2019 година како и против решението на Судскиот совет донесено на 17 јули минатата година. Со тоа се потврдува дека Панчевски е разрешен од функцијата судија во скопскиот кривичен суд.

„На седницата одржана на 26.06.2020 година Советот за одлучување по жалба донесе решение со кое што жалбата на жалителот ја одби како неоснована, а ја потврди одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија од 25.12.2019 година и решението на Судскиот совет од 17.07.2019 година“ – Врховен Суд.

Обвинителката Цветанка Богоевска образложувајќи го обвинението рече дека обвинетиот Панчевски како службено лице – претседател на Основен суд Скопје 1, извршил повеќе дејствија на кривичното дело и на тој начин ги пречекорил границите на своето службено овластување. Богоевска во детали набројуваше предмети, најмногу од организираниот криминал но и оние сега поранешното СЈО, за кои обвинителството тврди дека во периодот 2013- 2014 година по барање на Панчевски биле распределувани кај одредени суди кои пак свесно ги зеле предметите во работа иако Панчевски им ги дал на рака наместо да бидат распределени по компјутерски пат. Панчевски пред судот се изјасни дека не го разбира обвинението за кое се товари затоа што како што рече тој, го примил додека бил во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.

„Обвинителниот предлог го добив додека сум во притвор. Не разбирам зошто сум обвинет, ги немам доказите што ги има Јавното обвинителство. Се цитираат членови од повеќе закони, кои не можам да ги најдам бидејќи сум во притвор. Предметите кои се цитираат се од пред шест, седум години“ – Владимир Панчевски.

Поранешниот претседател на Кривичен суд Скопје 1 Владимир Панчевски во притвор е од 15 јули откако велешкиот суд цела година не можеше да го најде за да му даде покана за судењето. Обвинет е за злоупотреба на службената положба и овластување со електронскиот систем на распределба на судски предмети (АКМИС).

Судскиот совет Панчевски од функцијата судија го разреши во декември 2019 година. Следното рочиште е закажано за понеделник, 27 јули годинава.

Извор Тв24