Советникот на Чулев кој нападна началник се враќа на работа со 15 отсто намалена плата

0
136

Според информации од МВР, државниот советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев поради инцидентот и нападот врз началникот на тетовската сообраќајна полиција на денот на изборите, е казнет со 15 отсто помала плата во следните 6 месеци.

Исто така одлуката е да му се укине суспензијата и тој да се врати на работа веднаш. Насилниот полициски советник беше суспендиран вчера и по само еден ден суспензија се враќа на работното место во кабинетот.

Иако, според експертите за ваков прекршок реална казна би била отказ или барем назадување на работното место, според нашите информации, дисциплинската комисија чии членови ги има поставено Чулев, експресно донела одлука и го казнила со смешна казна која се одредува за ситни прекршоци.

Од кабинетот на Чулев претходно потврдија дека на Ѓорѓиевски му е определена најтешката казна за таков вид прекршок.

„Во текот на денешниот ден по иницијатива на одделот за внатрешна контрола беше спроведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност при што од страна на дисциплинска комисија до Министерот за внатрешни работи беше доставен предлог за донесување на решение за изрекување најстрога дисциплинска мерка. Предлогот е прифатен од страна на Министерот Чулев и за гореспоменатото лице е потврдена предложената дисциплинска мерка.Во текот на изминатиот период во неколку наврати Министерот Чулев потенцираше дека законите се спроведуваат неселективно без разлика на партиската, верската и национална припадност, а постапувањето во конкретниот случај е уште една потврда за таа заложба“, известија од тимот на министерот Наќе Чулев.