НЕМА ОДЛУКА ЗА СТАРТОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

0
114

Неизвесноста продолжува. Конечната одлука – меч со две острици. Правото на образованието наспроти правото на заштита на здравјето.

Се комплицира донесувањето на одлука за начинот на кој ќе стартува новата учебна година. Иако првично беше најавено одлуката да биде соопштена денес, во телефонски разговор за ТВ 24, директорот на центарот за јавно здравје ,др. Александар Стојанов, потврди дека, за да се донесе конечна одлука ќе биде потребно уште време.

Според него, тоа може да е утре, а би можело да потрае и уште неколку дена. Проблемот не е само од здраствена природа, и не зависи само од Комисијата, а секое отворено прашање, во себе крие уште три прашања.

Од министерството за здравство преку соопштение информираат дека разговорите ќе продолжат и следните денови, се со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата.

„Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес, сепак финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука.“ – велат од министерството.

Иако министерот за образование и наука, Адеми, илезе од изолација, остана изолиран и недостапен за медиумите и одговор зошто одлука се уште нема, откако во петокот се пофали дека мнозинството анкетирани родители од МОН се за настава со физичко присуство.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура СОНК, преку кратко соопштение на Фејсбук изразија надеж дека при носењето на одлуката во фокус ќе се стави здравјето на децата.

Од друга страна, отворено писмо до надлежните институции упатија и членовите на групата „Поддршка за онлајн настава за учебната 2020/2021 година“, а 2000 родители веќе ја потпишаа петицијата со која категорично се бара да биде донесена одлука за онлајн настава на далечина во училиштата за сите ученици, а посебно да бидат опфатени децата од 1 – во до 5-то одделение имајќи ја во предвид возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи.

„Единствено со онлајн настава ќе се заштитат децата, наставниците, родителите и нивните блиски, вработените, ризичните групи и целата популација. Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува 2 часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население “ – се вели во соопштението.

Покрај одлуката за старт на учебната година, пред Комисијата за заразни болести уште една тешка одлука. Оваа недела на дневен ќе се отвори и прашањето за отворање или не градинките.
Извор тв24