ЕКСКЛУЗИВНО: ВИСАР БЕЏЕТИ СЕ ВРАЌА ВО ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ФОТЕЛЈА ВО ШКЕНДИЈА!

0
211

Како што велат нашите информации, и тоа од проверени извори, има големи шанси одново да има промена во раководната структура во таборот на Шкендија, во моментов нашиот најдобар клуб.

Имено по само една година отсуство од клубот, Висар Беџети повторно ќе седне во претседателската фотелја, а во моментов актуелната тројка која раководи со Шкендија, ќе мора да си оди.

Ова звучи по малку чудно за оние кои не ја знаат состојбата во Шкендија, онаа актуелната. Факт е дека по ова 5. коло тетовци се на првото место на табелата. Шкендија се пласира во 2.квалификациско коло во Лигата на Европа, но тоа не е тоа. Факт е дека владее притаено незадоволство кај сите во клубот, па и кај играчите. Посебно ако се знае дека, и тоа по многу пишувања по социјалните мрежи, најголемите фанови на клубот не се задоволни од тоа како се работи во Шкендија во изминатата година. Не се задоволни од изборот на тренерот, не се задоволни од тоа како функционира клубот. Имено тие никако не можат да си простат што лани Шкендија не беше шампион, мораше пехарот да му го предаде на лутиот ривал, на Вардар, кој објективно имаше послаб тим, но имаше срце. А јасно е дека не се задоволни ниту спонзорите, оние кои го финансираат клубот, кои даваат пари.

Во случај Беџети и официјално да се врати, тоа секако дека ќе значи дека ќе има и промена во стручниот штаб. Дека Ернест Ѓока ќе си оди, а на негово место би се вратил Ќатип Османи, или пак некое друго проверено тренерско име. Тренер кој без никакви проблеми би ја освоил титулата со оваа екипа уште во март – април, а не во мај да биде трет, и тоа позади Вардар и Силекс, како што беше случајот со Ѓока. Оваа смена, ова враќање на Беџети би се направило во блиска иднина, имено се чека само што Шкендија ќе направи со Ботошани. Но тоа е работа на клубот.

Инаку колку за потсетување, Беџети во Шкендија на местото претседател беше од мај 2017 до септември 2019 година. Веднаш штом дојде тој го врати Османи на клупата, и со нив двајцата за две години и некој месец, Шкендија освои две титули во ПМФЛ, двапати играше во плеј-офот во Лигата на Европа, а освои и една куп титула. Со настапите во Европа, но и со трансферите на Фазлагиќ и Муслиу, се шпекулира дека во тоа време најмалку 4,5 милиони евра биле влезени во касата на Шкендија. Во нивно време Шкендија во сезоната 2017/2018 ја освои титулата со неверојатни и фантастични +35 бодови во однос на вториот Вардар. Тоа се фактите.

Секако дека треба да се потсетиме дека Беџети прво, а потоа и Османи, лани ова време си заминаа од Шкендија, односно си поднесоа оставки, по киксот кој тимот го имаше во Европа, по елиминацијата од Номе Калју во квалификациите во Лигата на Шампионите, и од Дуделанж во квалификациите во Лигата на Европа.

Сепак се чини дека е време за враќање на победничкиот тандем во Шкендија.