Протест во Скопје – Стоп за урбаната мафија

0
113

„Стоп за урбаната мафија“. Под ова мото жители на скопската населба Ѓорче Петров денеска протестираа против изградба на станбен комплекс во месноста Јурија.

Тие ја блокираа главната улица точно напладне со барање до локалната власт да се намали катноста на објектите што се планира да се изградат. Револтирани се бидејќи никој не ги консултирал за овој градежен зафат.

„Со подигање на 60 метарските згради и населување на 3.000 жители во овој дел со градење на над 800 станови ќе се промени како демографски, така и квалитетот на живеење и нормално функционирање на целата општина. Само на ова место со градење на овие згради ќе биде загрозен хуманиот аспект на живеењето, а дополнителни проблеми се немањето училишта и градинки за новите жители.“

Од Општина Ѓорче Петров соопштија дека максималната висина од 17 катови важи само за мал дел од парцелата, протокот на воздух нема да биде попречен, а планирана е и значајна површина со зеленило. За идните градби ќе се бара современо архитектонско решение.

Недовербата на граѓаните кога се работи за градежни инвестиции веројатно е оправдана откако со години во главниот град има случаи на градежни зафати без почитување на потребните стандарди, а се гради и без дозвола.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, минатата недела изјави дека во главниот град има околу 140 дивоградби. Повика надлежните институции да си ја вршат работата оти Градот немал надлежност за овие објекти. Ова лето вниманието на јавноста главно беше насочено кон дивоградбата кај „Мавровка“ која беше на највидливо место.

Објектот е урнат, но градежниот шут со денови е оставен на куп. Работата со тешката механизација пак, остави зад себе искршени тротоари и плочки, како и остранети метални стопчиња. Од Општина Чаир за Алсат велат дека тие ќе го отстранат шутот.

Општина Чаир

„Преземени се сите потребни чекори за тоа и во текот на наредните денови ќе започне работниот процес.“

Потоа треба да се санира околината што пак е надлежност на Град Скопје. Од таму за Алсат велат дека ќе ја поправат оштетената инфраструктура откако ќе бидат отстранети остатоците од дивоградбата.

Izvor Alsat