Од денеска се отвораат градинките, но не сите

0
93

Детска радост и смеа по повеќемесечна пауза поради корона-кризата од утре се враќа во градинките. Најмалите жители по шест месеци се враќаат во претшколските установи, за кои надлежните убедуваат дека се запазени сите протоколи за заштита од коронавирусот. Покрај тоа што објектите ќе се дезинфицираат редовно и вонредно, ќе биде определено растојание при седење и помеѓу креветчињата, новина во градинките е и собата за изолација која треба да се најде во случај некое од дечињата да пројави симптоми на коронавирус.

„Подготвени се градинките во целата држава, имавме средба со директорите на градинките. Да се преземе ваков чекор сме направиле темелна и сериозна анализа пред сè следејќи ја епидемиолошката состојба во државата“, се ставовите на здравствените власти за тоа дали и колку е безбедно да се стартува со работа во градинките.

Но, на терен состојбата баш и не е како што се презентира. Има градинки кои утре нема да ги отворат вратите за најмалите дечиња, бидејќи не се подготвени. На родителите им е пратено известување дека со работа ќе почнат од 14 септември.- Добивме известување од градинката да не ги носиме децата од среда, бидејќи нема да работат. Не информираа дека со згрижувањето на дечињата ќе започнат од понеделник 14 септември, вели за весникот ВЕЧЕР, мајка на едно дете од претшколска возраст од Скопје.

„Анализата на податоците од градинките покажа дека тие се подготвени од среда да почнат со работа и да ги примат и згрижат децата во согласност со предвидениот протокол утврден од Комисијата за заразни болести. Приоритет имаат децата на самохрани родители и на двајца родители кои се вработени, кои ќе мораат да донесат потврда од работодавачот“, вели министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Според протоколите треба да се дезинфицираат градинките и дворовите, секој вработен да има лични заштитни средства и да има бесконтактен термометар, како и задолжително на секои два часа да се дезинфицираат површините. Приемот на деца ќе биде на 10 минути со еден родител, кој има заштитна маска. Кај возрасната група деца до две години – ќе има шест деца во група.

Според добиените податоци од градинките, 29.000 деца се запишани во нив. Согласно протоколите, прием може да се направи на околу 19.000 деца, а досега пријавени од страна на родителите дека ќе посетуваат градинка се околу 14.500 деца.

Притоа приоритет ќе имаат самохраните родители и еден од двајцата вработени родители кои не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.