Ангела Меркел директно се вклучува во разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија

0
79

Вчера телефонски разговарале и германскиот и македонскиот претседател Штајнмаер и Пендаровски

Германија го засилува своето посредништво во процесот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Канцеларката Ангела Меркел директно се вклучува во разговорите. Денеска таа телефонски разговараше со премиерот Зоран Заев.

Утврдиле дека е заеднички интерес за време на германското претседателство со ЕУ, во декември, да почнат пристапните преговори.

„Премиерот Заев истакна дека тоа е шанса која не треба да биде пропуштена и дека интензивниот ангажман на вклучените страни создава можности за остварување на заедничката цел – одржување на Меѓувладината конференција за почеток на преговорите“, информираат од Владата.

Меркел вчера зборувала со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој преку видеоконференција соопшти дека „верува дека со помош на Германија, особено во време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ, ќе се донесат правилни решенија за оваа тема“.

Потврда дека Берлин е сериозно инволвиран во процесот и бара решение кое ќе спречи можно бугарско вето, и со тоа ќе го отвори патот кон одржување на првата Меѓувладина конференција, зборува и вчерашниот телефонски разговор меѓу македонскиот и германскиот претседател.

Пендаровски и Штајнмаер заклучиле дека очекуваат старт на преговори до крајот на годината.

„Претседателот Штајнмајер истакна дека по конструктивните разговори меѓу претставниците на Владите на Северна Македонија и Бугарија во Берлин, се надева дека во рамките на германското претседателство, до крајот на годинава, официјално ќе започнат преговорите на ЕУ со нашата држава. При тоа, истакна дека билатералните прашања треба да се решаваат во духот на добрососедството и европските вредности“, информираа од Кабинетот на Пендаровски.

За тоа како да се надминат прашањата кои Софија ги отвори, и со чие затворање го условува продолжувањето на евроинтеграциите на земјава, денеска зборувале Пендаровски и бугарскиот претседател Радев.

„Двајцата претседатели разговараа за можноста да се постигне одржливо решение за европскиот развој на нашиот регион и, особено, за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија“, се цели во кусото соопштение од претседателскиот кабинет.

Се` уште е нејасно дали и какви резултати ќе даде германското посредништво во процесот на разговори меѓу двете земји.

Дека најмоќмната земја-членка на Унијата е во потрага по консезус прифатлив за двете страни, кажува и организацијата на средбата Димитров-Османи-Захариева пред три дена во Берлин, која не донесе решение, но покажа одреден напредок.

Глас на Америка