Николоски: Срамот на Заев не смее да стане колективен срам

0
75

Два дена по скандалозното интервју, наместо Зоран Заев да се извини, и да се повлeче од изјавите претставуваат удар темелите на македонската држава и самобитноста на македонскиот народ тој уште подлабоко навлегува во небулози, навреди кон својот народ, историски мисинтерпретации и драматично ги руши позициите на сопствената држава и народ, обвини денеска Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев е изолиран во намерата да го избрише македонскиот национален идентитет, да се откаже од историјата, а со тоа да нанесе штети на државата кои ќе имаат далекусежни последици кои што значат македонската држава да нема право да се темели на илинденското и антифашистичко наследство, тоа е она што го прави Зоран Заев овие денови“, рече Николоски.

Според него, Заев ова го правел „за фотелја, за власт и бизнис интереси, за своите фирми во Македонија, но и за своите фирми во Бугарија“.
Објаснувајќи дека тоа значи целосно рушење на позициите на Македонија на трајна основа, повика „ден поскоро, час поскоро да си поднесе оставка и да си замине“.

„ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на 100-те од доаѓањето на Владата ќе покрене прашање за доверба на Владата во Собранието на Република Македонија. И очекуваме Владата да не ја добие довербата, односно најмалку 61 пратеник да изгласаат недоверба на Владата на Зоран Заев“, најави Николоски.

Тој, во името на ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите граѓани на протести и да ги поддржат во, како што рече, одбрана на националните интереси.

„Денеска ќе бидеме низ Македонија. Во 18:00 часот под мотото ‘Оставка на Заев, слобода на народот‘ ги повикуваме сите граѓани да се соберат во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола. Заедно, сплотени, обединети без разлика на партиска или политичка припадност да ја одбраниме Република Македонија, да ја одбраниме самобитноста на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската историја и македонското наследство“, рече Николоски