Шест отсто од пациентите со ковид-19 развиле мозочен удар, вели нерворологот Маја Божиноска

0
141

Иако се смета дека хронично болните лица, особено пациентите со кардиоваскуларни заболувања, се помеѓу најизложените на ризик да заболат од коронавирусот, кардиологот Никола Бакрачески од Охрид, смета дека сознанијата за ковид-19, базирани на докази, се` уште се оскудни, бидејќи искуствата на светската медицина со овој вирус не се подолги од една година.

„Секако дека ние, без разлика што сме кардиолози и што претежно се занимаваме со кардиоваскуларна патологија, сме обврзани да ги пратиме најновите сознанија кои пристигнуваат од светските релевантни институции, за примена на одредени алгоритми и протоколи во дијагностиката и лекувањето на пациентите со ковид-19, особено онаму каде при една ковид инфекција имаме зафаќање на срцето“, вели кардиологот Бакрачески.

Од почетокот на пандемијата, во Охридскиот центар за кардиоваскуларни заболувања, поради ургентност биле третирани пациенти со срцеви заболувања, а кои веќе биле заразени со ковид-19.

„Има случаи каде што во текот на една ковид-19 инфекција, се зафаќа и срцевиот мускул, меѓутоа повторно ќе кажам, тие не се податоци кои се базирани на докази, а за кои со сигурност можеме да тврдиме дека во една ковид-19 инфекција зафаќањето на срцето е предизвикано токму од таквата инфекција“, вели тој.

Но, неврелозите веќе гледаат влијание на вирусот врз лицата со мозочен удар и други невролошки заболувања.

„Утврдено е дека лицата кои боледуваат од мозочен удар и други цереброваскуларни болести, се особено подложни на развој на компликации и смрт, кои се заразени со ковид-19. Од искуствата во Кина, знаеме дека околу шест отсто од пациентите со ковид-19 развиле мозочен удар, како резултат на компликации од инфекцијата. Околу 30 до 40 проценти од пациентите страдаат од некоја друга невролошка компликација на ковид-19 инфекцијата“, вели неврологот Маја Божиноска.

Божиноска вели дека постојат голем број докази дека симтомите на ковид вклучуваат разни невролошки манифестации, кои се поделени во три стадиуми.

„Од најлесен, со појава на изгубено чувство на вкус и мирис, па се` до појава на слабост, делимична одземеност на екстремитетите, нарушување на говорот, губиток на рамнотежата и потполна парализа. Понекогаш епилептични напади, нарушување на свеста па се` до до кома“, вели Божиноска.

Според неа, дополнителен проблем е што пандемијата сериозно се одразува врз помошта и третманот кој им се пружа на овие пациенти.

„Приемот во болница и третманот на мозочните удари е под закана. Одложена е раната проценка на ризик факторите, како и спроведување на превентивните мерки, а намалени се и активностите кои се поврзани со рехабилитација на овие болни“, рече таа.

Вели дека причина за тоа е претворањето на Центрите за мозочен удар и Невролошките одделенија во државата во ковид центри

Глас на Америка