Игра на мачка и глушец: инспекторите ги затвараат, кафулињата кршат пломби

0
70

По повеќе од два месеци инспекторите повторно влегоа во скопското кафуле „Мош“ кое се најде во фокусот на јавноста поради журките кои се одржуваа во екот на пандемијата. И повторно е затекната старата приказна – журка во најголем ек по 22 часот, а место извинување – гостите упатувале навреди кон инспекторите кои биле во вечерна обиколка низ градот. Тие, пак, на непочитување на мерките возратија со најава за затворање на објектот од 10 до 30 дена. Но, ова е само едно од многу „непослушни“ кафулиња во главниот град кои се обидуваат да ги заобиколат рестриктивните ковид-мерки и да продолжат со старата пракса на ноќен живот до раните утрински часови. Иако казните се високи и се движат од 3.000 до 30.000 евра и по 1.500 евра за физичкото лице, се користат најразлични финти за непочитување на мерките. Во оваа игра на мачка и глушец се користат најразновидни тактики – инспекторите ставаат клуч на врата, а газдите на локалите ги кршат пломбите, гасат светло и седат во мрак, чекајќи да поминат контролите. И што ли уште не…

Затворени четири објекти
Во текот на вчерашниот ден биле затворени три угостителски објекти во Скопје и еден јога-центар. Директорот на Пазарната инспекција, Стојко Пауновски вели дека голем број угостителски објекти низ цела земја не ги почитуваат мерките на Владата и работат по дозволеното време. Ги заклучуваат кафулињата, гасат светло и седат во мрак, притоа служат пијалоци и храна, а во некои случаи и полицијата ги штитела сопствениците на локалите.

„Таков случај имавме синоќа со кафулето ‘Три кичен бар‘ каде гости имаше околу 22.30 часот. Кога инспекторите дојдоа пред вратата, гостите избегаа во клубот ‘Станица 26‘ бидејќи има пристап одзади директно. Но, наши инспектори отидоа и од таа стана и кога влегоа внатре затекнаа 30 лица. Исто се случува и со кафулето ‘Мош‘. Синоќа имаше гости после 23 часот, а газдите се жалат дека сме биле селективни“, вели Пауновски.

Локалот „Мош“ и претходно беше казнуван поради прекршување на мерките за време на свирките на српскиот пејач, Владо Георгиев. Пауновски сега најави и нови санкции. „Истиот субјект е казнет и по претходниот закон кога поднесувавме кривични пријави и тогаш беше затворен, сега пак ќе биде казнет и по новиот закон. Во рок од три дена доставуваме казни преку платни налози, а објектот ќе биде затворен од 10 до 30 дена“, рече Пауновски. МВР за истиот случај најави и кривична пријава, откако информираше дека во синоќа во 22.30 часот, во објектот биле затекнати околу триесетина лица.

Кај еден објект во Чаир била скината пломбата и почнал повторно да работи
Кај еден објект во Чаир била скината пломбата и почнал повторно да работи. Инспекторите се упорни – пак го запечатиле и ќе поднесат кривична пријава за кинење службен печат на институција.

Инспекторите ќе продолжат да работат и во периодот кој што следи. Тие порачуваат сите да бидат совесни и „да не мислат дека инспекторите во 21 ќе се враќаат дома, а потоа забавите можат да продолжат“. „На терен сме постојано и се проверуваат сите објекти каде се сомневаме дека може да има прекршување на правилата. Мора да се врати свеста и совесноста на сите кои вршат угостителска дејност и мора да бидат попослушни”, порачува Пауновски.

Во изминативе месеци, откако стартуваа ригорозните мерки поради пандемијата, инспекторите велат дека се соочиле со најразновнидни ситуации. На навредите веќе и отрпнале. „Навреди имало секогаш и ние сме навикнати на тоа. Нека им служи на чест на оние кои се сопственици на угостителските објекти”, вели Пауновски.

Од денеска стапува на сила новиот пакет рестриктивни мерки кои ги усвои Владата на предлог на Комисијата за заразни болести, со кои кафулињата и рестораните ќе работат до 18 часот. Мерки ќе важат до 20 јануари, а имаат за цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници.

Во ситуација кога расте секојдневно расте бројот на заразени и починати од Ковид-19, надлежните се повеќе го стегаат обрачот и ги засилуваат рестриктивните мерки, се чини дека граѓаните низ целата држава не бираат начин како да се забавуваат. Не се откажуваат ниту од ноќните лудувања, ниту од свадбените веселби, а се прават планови на големо и за новогодишните прослави. Во услови кога кафеаните, рестораните и кафулињата ќе бидат затворени по 18 часот за време на престојните празници, надлежните стравуваат дека забавата ќе се пресели во приватни куќи и викендички. Поради тоа МВР најави дека е забрането групирање по викендички, освен за членови за исто семејство, а за непочитувањето на таа мерка ќе следат

Дојче Веле