Поднесена интерпелација за Димитров

0
71

Непочитување на Парламентот, неуспехот да се обезбеди старт на преговорите со ЕУ и недоволната активност на Секретаријатот за европски прашања. Врз основа на овие три причини, ВМРО ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе интерпелација за работата на вицепремиерот за европски прашања и повика на одговорност за неговата работа.

Замеруваат дека со игнорирањето на Собранието, Никола Димитров ја крши својата уставна обврска.

„Димитров е еден од ретките министри во Европа, со исклучок на министерот од Белорусија, кој не се одзива на поканите од пратениците во Собранието”

Доволна причина за интерпелација, според ВМРО ДПМНЕ, е недостигот на отчет за работата во првите 100 дена, како и немањето одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

„Самиот овој исход потврдува дека Димитров ја доведе јавноста во заблуда, но и Собранието, тврдејќи дека имаме одлука за безусловен почеток на преговорите со ЕУ…”

Интерпелацијата за Димитров ќе биде нов пораз за очајното ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ.

„Секојдневно се докажува дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, се целосно загубени во времето и просторот, без став, без идеи, без програма, фокусирани само на блокади, на кочења и деструкции на штета на државата и граѓаните. Интерпелацијата за вицепремиерот Никола Димитров е само продолжение на деструктивноста и очајот на ВМРО-ДПМНЕ и докажаниот губитник Мицкоски”, велат од СДСМ.

Од владејачката партија воедно потсетуваат и на минатогодишната неуспешна интерпелација за Димитров, тврдејќи дека тој ужива целосна доверба кај мнозинството пратници.

Засега не е познато кога интперлацијата за Димитров ќе се најде на дневен ред пред пратениците.