Русинов за Канал 5: Бугарскиот народ не се согласува со политиката на вето

0
63

Писмото- поддршка за македонските евроинтеграциски процеси адресирано до канцелариите на Борисов, Захариева, амбасадорите на Европската унија акредитирани во Бугарија и до канцеларијата на Европската унија во оваа земја, прерасна во ОН лајн петиција што ја спроведува бугарската заедница за либерална демократија во обид да ја запознае меѓународната јавност и да ја анимира бугарската , дека позициите на нивната влада за Македонија се еднакви како кога некого терате наполитичко самоубиство. Меѓу триесетте интелектуалци, професори, историчари, новинари потпишани на писмото публикувано деновиве е и политикологот Румен Русинов кој за Канал 5 говори за мотивацијата и за целта на оваа иницијативност.

-Ние сеуште сметаме дека се уште има простор за едно позитивно решение до крајот на Германското претседателство и се надеваме,прво нашиот апел да стигне да различни кругови во Бугарското општеството зашто не сметаме дека ова прашање треба да се решава само на политичко ниво туку и на дипломатско и на граѓанско и на секакво друго ниво што би вклучило што поширок опсег од општеството, со што се надеваме тоа да повлијае позитивно врз решенијата , вели Румен Русинов –политиколог потписник на писмото за поддршка на Македонија ,,Болд“ –Бугарија.

Барањата на бугарската влада кои атакуваат на македонскиот идентитет, Русинов ги лоцира во предизборниот период но и убедува дека мнозинството бугарски граѓани не ги споделуваат тие чувства. Сепак очекува прагмата да победи ако се разбира има добра политичка воља.

-Видете, ние сме во предизборна ситуација кога политичките партии повеќе се склони кон внатрепартиските интереси отколку кон националните. Ние сметаме дека нашите добрососедски односи се од стратегиска важност и не е добро да станат заложник за извлекување на времени конјуктурни користи. Двете страни имаат долгогодишни интереси од добри односи и од соработка. Убеден сум и знам со сигурност дека мнозинството од Бугарскиот народ е длабоко емоционално поврзан со Македонија и има многу позитивни чувства кон Македонија и затоа сум убеден дека политичката воља во еден момент ќе ги надвладее политичките интереси а, тоа што ги имаме Гоце и Даме и Цар Самоил заедно како и многу други историски личности како и јазици кои се блиски и на кои се разбираме, само може да биде основа . Јас сум убеден дека во Бугарија има доволно политичка воља тие интереси да бидат реализирани бидејќи тоа е во интерес на двата народа вели Румен Русинов –политиколог потписник на писмото за поддршка на Македонија ,,Болд“ –Бугарија.

Во разговорот за Канал 5 Русинов посочува дека балканските народи не ја научиле лекцијата како во богатата историја да гледаат можност плус за иднината.

-Историскиот спор по дефиниција е контрапродуктивен тоа е маѓепсан круг во кој е подобро да не се влегува. Почнуваме ли да зборуваме чиј е Гоце Делчев до никаде нема да стигнеме. Затоа е подобро е да се залагаме за автопат кој ќе го именуваме ,Гоце Делчев“ од Софија- Скопје за да можеме да стигаме за 2 часа со автомобил или железничка пруга од Софија –Скопје. Гоце Делчев треба да не поврзува а не да не разделува, вели Румен Русинов –политиколог потписник на писмото за поддршка на Македонија ,,Болд“ –Бугарија.

Русинов се надева дека второто нивно писмо ќе биде и последно во знак на поддршка, зашто потреба за тоа повеќе немало да има оти и бугарските политичари ќе ги напуштеле партиските политики и ќе свателе колку е битно добрососедството и пријателството со Македонија и дека од тоа можат да влечат поени од Европската унија.

Канал 5