ПРИВАТНИТЕ СТОМАТОЛОЗИ БАРААТ ДРЖАВНА ПОМОШ ИЛИ ОДАТ НА ПРОТЕСТИ

0
41

Приватните стоматолози бараат Владата да ги внесе и нив во петтиот пакет мерки за финансиска помош.

Од Здружението на приватни стоматолошки установи и доктори по дентална медицина велат дека речиси две третини од стоматолшките ординации не се во можност да ги покријат основните трошоци и да исплатат минимална плата за вработените.

Поради рестриктивните мерки и поротколите за работа како и намалената работа со пациенти, над 800 ординации се на работ на егзистенција.

Од Здружението доставиле две барања до Владата:

„Директна финансиска помош за исплата на минимални бруто плати на вработените во стоматолошките ординации како и ослободување од фискални трошоци се додека трае кризата“

„Ние со години наназад сме доведени на раб на банкрот и буквално егзистираме со минимални плати. Самата корона-криза кај нас предизивика дополнитлени непредвидени трошоци поготово со покачувањето на цените на целата опрема која бевме задолжени да ја користиме, бидејќи ние сме на врвот на професии кои се во најголем ризик, дополнителните давачки се зголемија, па преку 800 ординации можам да кажам дека се на раб на егзистенција“ – вели д-р Дафина Богеска – Здружение на приватни стоматолози и доктори по дентална медицина.

Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, велат дека барањата на приватните стоматолози се примени и се разгледуваат, а економските тимови на Владата утврдуваат каде е најпотребна финансиска помош за петтиот пакет мерки.

„Барањата на приватните стоматолози како и голема група на други задруженија и граѓани се примени од страна на Владата и истите со внимание се разгледуваат и земаат предвид.  Дополнително, вчера беше пуштен јавниот повик од Фондот за Иновации во вредност од 6 милиони евра со грант компонента до 80% од вложените средства, на која приватните стоматолошки ординации  можат да аплицираат. Што се однесува до парафискалните давачки, Владата во повеќе наврати информираше дека се разгледуваат системски решенија за намалување или укинување на некои од парафискалните давачки важни за целото стопанство за што е навистина неопходна опсежна консултација и системски решенија на кои работиме“ – велат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.

Од Министерството за здравство велат дека тие немаат надлежност во финансиската помош и мерките кои што ги изготвува Владата.

„Министерството за здравство не одлучува и не обезбедува економски пакет мерки кои произлегуваат како поддршка од страна на Владата во време на кризна состојба“ велат оттаму.

Докторите по стоматологија велат дека и покрај огромниот ризик од зараза останаа и остануваат на своите работни места и нема да дозволат пациентите да останат без стоматолошка заштита, но не сакаат да останат заборавени и без можност за искористување на мерките од Владата за финансиска помош од ковид-кризата, како што тоа беше пример со четвртиот сет на мерки. Очекуваат барањата да им се исполнат, во спротивно велат дека ќе излезат и на протест.

24 вести