Македонската дипломатија ќе го менува односот кон Софија, сме биле преемотивни

0
61

Скопје ќе го смени пристапот кон Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи оценува дека досегашните разговори со Софија се одвивале на многу емотивен начин. Според него, време е за порационални разговори со источниот сосед. Сепак, фокусот овојпат ќе биде како што вели, за помалку комплицирани прашања.

„Во првата фаза, дијалогот меѓу нас и Бугарија беше многу емотивен, со многу емоции во него, веруваме дека треба да го смениме пристапот кон овој дијалог, да воспоставиме порационален пристап и да продолжиме со комуникацијата со теми на кои имаме повеќе разбирање“, изјави министерот Османи.

Османирече дека акциски план со Бугарија е подготвен скоро 99%. Тој вклучува соработка во многу сектори за подобрување на животот на граѓаните, додека одговорни ќе бидат соодветните министерства на двете земји. Османи додаде дека по финализирањето на планот, може да се одржи меѓувладина средба. ВМРО ДПМНЕ уште еднаш побара од владата да објави што содржи акцискиот план со Бугарија, повторувајќи ги сомневањата дека со Софија се преговара за идентитетот. Во Бугарија велат дека не го оспорува македонскиот идентитет.

Ова прашање е решено со чинот на признавање на независноста на Северна Македонија од Бугарија, како прва земја, рече бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Во интервју за порталот „зум.мк“ таа рече дека македонските власти преку јавни изјави се обидуваат да ја сокријат реалноста тврдејќи дека се негира идентитетот, а самите се тие што го негираат идентитетот на Бугарите во Македонија, па дури и со разни репресии. Захариева се сомнева дека македонските власти го потпишале Договорот за добрососедство во 2017 година само за Северна Македонија да стане членка на НАТО.

„Договорот е клучен. Вели дека имаме заедничка историја. Сега треба да најдеме начин, како да им ја кажеме вистината на нашите генерации да ставиме крај на илузиите и да најдеме начин заедно да ја видиме иднината. Не треба да губиме уште многу години. Верувам дека ова може да се случи, јас сум оптимист. Ќе биде тешко, но ќе се случи. Ова ќе се случи во духот на добра волја“, изјави Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија.

Захариева рече дека земјите од регионот, вклучително и Бугарија, се најголеми поддржувачи на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Таа рече дека за време на бугарското претседателство со ЕУ имало обиди да се разделат Северна Македонија и Албанија, но дека на тоа остро се спротивставила официјална Софија. „Имаше голем притисок да се разделат од процесот Северна Македонија и Албанија, бидејќи Албанија не беше добро подготвена. Но, јасно ставивме до знаење дека тоа нема да се случи, вложивме максимални напори Советот да го има истиот текст за проширување и за Северна Македонија и за Албанија “, изјави Захариева за порталот „зум.мк“.

Алсат