Снегот ја парализираше Атина – „Во изминатите 12-13 години немало толку снег во центарот

0
59

Во изминатите 12-13, па може и повеќе години, немало толку снег во центарот на Атина, мислам дека имаше во 2008 и 2004 година, вели повозрасна Гркинка во разговор со дописничката на МИА од Атина, додека со нејзините внуци шета под Акропол, а децата му се радуваат на снегот

Жителите на Атика, поширокиот регион на Атина, од синоќа имаат можност да уживаат во снежната покривка, а обемот на снегот, иако не повеќе од 20 до 30 сантиметри, сепак ја парализираше грчката метропола.

Над 20 атински населби останаа без струја, дел се без вода, телефон и интернет, а во одредени случаи прекинот на електрична енергија трае над 12 часа.

Најголеми проблеми има во северните предградија и населби каде што паднале околу 600 дрва, а во некои случаи го прекинаа сообраќајот или предизвикаа штета врз паркирани возила.

Сообраќајот се одвива со потешкотии, рано утрово главните булевари во Атина не беа воопшто исчистени, а јавниот превоз, со исклучок на метрото , речиси и да не функционираше.

Автопатот Атина –Ламија, со одлука на Владата од вчера во 19 часот е целосно затворен, а постои и забрана за пловидба на бродови од атинските пристаништа.

Снегот ја одложи и планираната вакцинација за денеска, па така сите оние кои имале закажано термин во областа Атика, ќе бидат дополнително известени кога ќе ја примат вакцината.

Од Министерството за развој и инвестиции на Грција соопштија дека „поради неповолните временски услови и со цел вработените безбедно да се вратат во нивните домови, супермаркетите денеска ќе затворат два и пол часа порано, односно во 18, наместо во 20.30 часот.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по вонредниот состанок во Секретаријатот за цивилна заштита за координација на сите надлежни органи во справувањето со проблемите предизвикани од снегот, упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и да избегнуваат непотребни движења.