Груевски се правда: Секретарката не ми е секретарка, двата стана ми се под закуп

0
22

Поранешниот премиер Никола Груевски кој избега од судските одлуки и правдата, вечерва се огласи на Фејсбук по повод вестите дека имал 4 стана на Бихаќка, а не 2 и аферата со перењето пари и становите на Водно што ја отвори Обвинителството.

“Како што на јавноста одамна ѝ е познато, јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев, а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност“, напиша Груевски на Фејсбук.

Еден од овие два стана е на име на поранешна негова секретарка Т.С., дознава САКАМДАКАЖАМ.МК . Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска потврди дека поранешната секретарка веќе дала изјава во обвинителството дека конкретниот стан кај што фигурира таа како сопственик, фактички не е нејзин, дека само потпишала оти е.

Груевски исто така тврди дека имал потреба од поголем простор, па затоа ги зел становите под закуп, а место тоа можел да користи државна вила, но не го направил тоа.

Груевски вели дека немало потреба обвинителството да влегува во неговиот дом и да го вознемирува неговото семејство, бидејќи што и да побарале ќе им било дадено.

Денешниот претрес во двата дополнителни стана на Груевски е во рамки на истрагата за плацевите на Водно купени, според Обвинителството, со пари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои уредно си плаќале членарина.