Заев во Луксембург: Навистина сме огорчени

0
23
Македонскиот премиер Зоран Заев, кој денеска е во посета на Луксембург, за весникот „Луксембургер Ворт“ зборува за разочарувањата на патот кон ЕУ и зошто сепак се исплати земјата да не се откаже.

Дали се чувствувате предадени од страна на ЕУ-партнерите, гласи едно од прашањата во интервјуто објавено денеска во весникот „Луксембургер Ворт“, а македонскиот премиер Зоран Заев, меѓу другото, одговара дека земјата е ученик за пример и додава:

„Направивме сѐ што требаше да се направи. Затоа сме прилично разочарани што сѐ уште мораме да чекаме пред вратите на ЕУ. Веројатно ќе станеме конечно членка за пет, шест или десет години, доколку сме сосема подготвени за тоа. Но, прво мора да почнеме преговори за приклучување. Тоа што сѐ уште нема преговори ми дава мене и на сите македонски граѓани, за жал, неубаво чувство. Особено затоа што за нас нема геополитичка алтернатива. Посакувам ЕУ-партнерите да ги увидат нашите енормни напори и тоа да го наградат. Затоа сметам со почеток на преговориво 2021 година.“

На забелешката дека на секој чекор што земјата го презема, доаѓа ново вето – прво Атина, па Париз и сега Софија, и прашањето дали ЕУ станала непресметлив партнер, македонскиот премиер се обидува да биде оптимистичен:

„Навистина е неблагодарно што нашиот сосед, Бугарија, во декември 2020 година на маса стави уште едно вето против нас. Станува збор пред сѐ за надминување на некои историски разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија. Мора да кажам дека со ваков став ЕУ никогаш немаше да постои – Европејците тогаш гледаа во иднината, а не во минатото. И за тоа треба да се работи и денес. Мислам дека ќе најдеме решение за бугарското вето уште пред јуни. Но, за тоа е потребна помош од остатокот на ЕУ-државите, кои ќе мора да докажат дека вредностите на ЕУ се живи и да не дозволат историски спорови да ѝ стојат на пат на иднината на земјата.“

Дојче Веле