Заев не очекува блокада на измените на Законот за попис од албанската опозиција

0
18

Премиерот Зоран Заев вели дека верува оти измените на законот за попис ќе добијат поддршка од сите политички партии. Оваа изјава доаѓа по најавите на албанските опозициски партии Алијанса за Албанците и Алтернатива дека ќе го блокираат предлог измените на законот за попис. Тој посочи дека според него нема никаква причина за блокада од албанската опозиција и дека утре ќе разговара со нив и верува оти ќе се изнајде решение.

„Иако средбата за утре е закажана за Законот за државјанствата како иницијатива отворена од Алијанса на Албанците и Алтернатива, верувам сите таму координатори ќе седнеме и ќе изнајдеме начин на ова прашање, а ако има потреба да се разговара за пописот, јас ќе разговарам се со конечна цел да изнајдеме сите усогласени ставови, да застанеме зад пописот, зад тоа што впрочем до сега сме го кажале сите вклучително и Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и СДСМ, и многу други политички партии, зошто е важно да ја имаме успешно спроведено оваа статистичка важна операција за државата и народот “, рече Заев.

Претходно лидерите на двете партии, Зијадин Села и Африм Гаши, на денешната прес-конференција најавија дека ќе го искористат Бадентеровиот принцип да го блокираат одложувањето на пописот.

„Нема да го дозволиме одложувањето на пописот. Имаме механизам да спречиме промена или одложување на Законот за попис преку Бадинетеровото мнозинство. Пописот треба да продолжи, не треба да се одложува. Аргументите поврзани со пандемијата не држат, бидејќи процесот на попишување не е поразличен од прес-конференцијата што денеска ја имаме тука. За пописот постои закон, кој треба да се почитува и спроведе до крај, изјави денеска Села.