Летото би можело да трае половина година – што тогаш?

0
21

Имено, во последните 60 години, летниот период ширум светот е продолжен во просек за 17 дена.

„Летото станува подолго и потопло заради глобалното затоплување, а зимата станува сè пократка и потопла“, рече климатологот Јупинг Гуан.

За некои, идејата за подолг летен период може да звучи како идеална можност за подолг престој на отворено, но продолжената летна сезона може да има значително влијание врз нашето здравје, животната средина и земјоделството.

Во тој случај, би имало повеќе топлотни бранови и повеќе болести што ги пренесуваат комарците, а сезоната на алергии ќе трае уште подолго.

Летата траат сѐ подолго

Истражувањата покажаа дека летата во последните децении стануваат сѐ подолги, што влијае и на почетокот на другите годишни времиња.

„Пролетта и летото започнуваат порано, а есента и зимата подоцна. Помеѓу 1952 и 2011 година, времетраењето на летниот период се зголеми од 78 на 95 дена, а пролетта, есента и зимата се намалија од 124 на 115, 87 на 82 и 76 на 73 денови“, се вели во студијата.

Глобалните температури на морето и копното продолжуваат да растат во однос на просекот. Последен пат годишните глобални температури биле под просекот кон крајот на 70-тите, што значи дека последен пат било постудено отколку што било вообичаено пред повеќе од 40 години, според Националната администрација за океани и атмосфера на САД (NOAA).

Студијата наведува дека летото до крајот на овој век, доколку не се преземе ништо во врска со емисиите на штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина и борбата против глобалното затоплување, може да трае најмалку половина година.

„Ако продолжиме како досега, пролетта и летото до крајот на веков ќе почнуваат еден месец порано отколку во 2011 година, а есента и зимата околу половина месец подоцна; што ќе резултира во 2100 година летото да трае околу половина година, а зимата помалку од два месеци“, предупредуваат експертите во истражувањето.

Штетно за земјоделството

Летото што трае половина година може да има значително влијание врз земјоделството. Ако пролетта почнува еден месец порано, може да има катастрофални загуби на посевите.

„На пример, за монсунските области, промената во сезоните може да го промени почетокот на монсунскиот период. Тоа значи дека се менуваат и моделите на монсунски дождови. Таквите промени можеби нема да се ускладат со растењето на земјоделските култури“, изјави Гуан за CNN.

Некои растенија, како амброзија, произведуваат полен што предизвикува алергии кај луѓето. Со подолг период на потопли температури, тие би создале полен подолго и во поголеми количини.

Студијата под наслов Changing Lengths of the Four Seasons by Global Warming беше објавена во списанието Geophysical Research Letters.