ПО СКАНДАЛОЗНАТА ИЗЈАВА НА ЏАМБАСКИ – ОД НЕГО СЕ ОГРАДИ И БУГАРСКОТО МНР

0
24

Провокации, навреди и иридентизам кон Македонија во пресрет на изборите во Бугарија – македонската влада реагираше, бугарското МНР се огради од видеото на европратеникот Џамбаски.

Шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева се дистанцираше од скандалозниот предизборен спот на европратеникот Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД, во кој тој вели дека Македонија е бугарска и искажува територијални претензии.

– Во врска со предизборното видео на европратеникот Ангел Џамбаски, МНР сака да посочи оти смета дека тој е несоодветен. Потенцираме дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада. Бугарија нема територијални претензии кон други земји и тоа постојано го декларираше. – изјави Екатерина Захариева МНР Бугарија.

Македонското МНР веднаш реагираше преку нашата амбасада во Софија и упати протестна нота до бугарското МНР, а соопштија дека ќе ги известат и соодветните институции во ЕУ.

– Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји сојузнички во НАТО и земја членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската Унија, на кои и двете земји силно се посветени. – велат од МНР.

Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова ли е заедничкото пријателство за кое збори Заев? До кога ќе молчи македонската влада на ваквите негаторски и шовинистички изјави? – велат од ВМРО-ДПМНЕ,

Македонија е бугарска, а Бугарија е над се, е насловот на скандалозниот предизборен спот на европратеникот Џамбазки. За време на неговото видеообраќање, се вртат кадри од Скопје и Охрид, кој тој го нарекува бугарски град. Тој им се обраќа на гласачите, но и на премиерот Заев.

– Колку повеќе хистерично ја мразите Софија, толку повеќе Охрид останува бугарски. Колку погласно ги кажувате вашите лаги, толку побрз и пострашен ќе биде вашиот крај. Македонија е бугарска, а Бугарија е над се, Заев! Почитуван! Колку и да се вртиш, Македонија е бугарска. И колку и да се вртиш, Албанија секогаш ќе биде од запад. – изјави Ангел Џамбаски европратеник и член ВМРО БНД.

Видеото на европратеникот Џамбаски ги разгневи голем дел од македонските полтичари од власта и опозицијата, кои не штедеа зборови. Едните го нарекоа дека е грешка на природата, другите пак дека е заглавен во 1941 година.

ТВ 24 ВЕСТИ