2.139 Македонци до 10 часот утрово се упатија на вакцинација во соседна Србија

0
18

Утрово, колони возила чекале на граничниот премин за влез во соседна Србија поради почетокот на вакцинација против коронавирусот за странски граѓани во Белград која се спроведува викендов.

На граничниот премин Табановце, од полноќ до 10 часот утринава денеска од Македонија излегле вкупно 2.139 лица, а влегле 1.095 лица, соопштија од МВР.

Инаку, освен граѓани од Македонија, во Белград исто така ќе се вакцинираат и граѓани од Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Дел од граѓаните кои што патуваат кон Србија потврдиле дека патуваат поради вакцинација, некои од нив индивидуално, а некои преку Стопанската комора која што е дел од договорот за стопанските комори на двете земји, пренесува „360степени“.

Претпладнево нема метеж на граничниот премин Табановце, но има голем дел на раздвиженост на автомобили кои што се упатуваат кон Србија.

Од АМСМ велат дека поради метежот на граничниот премин се чека и по 40 минути за излез од државата.