Хеликоптер на НАСА полета на Марс

Експериментален минијатурен хеликоптер робот на НАСА денеска се подигна од површината на Марс, постигнувајќи го првиот контролиран лет на друга планета, соопшти американската вселенска агенција.

„Сега можеме да кажеме дека човекот изврши лет со хеликоптер на друга планета“, изјави менаџерката на проектот Мими Аунг пред нејзиниот тим.

Контролорите на летот во Калифорнија го потврдија краткиот лет на хеликоптерот тежок 1,8 килограми наречен „Ingenuity“, откако добија податоци преку роверот „Perseverance“, кој го набљудуваше летот оддалечен повеќе од 65 метри.

НАСА го лансираше „Персеверенс“ на Марс

На оддалеченост од 287 милиони километри, Аунг и нејзиниот тим мораа да почекаат повеќе од три часа пред да дознаат дали летот бил успешен.

Засега не се достапни повеќе детали, но НАСА имаше за цел летот да трае 40 секунди. Предвидено беше хеликоптерот да се искачи три метри во височина, да лебди до 30 секунди, а потоа да се сврти кон роверот и да слета близу до местото од каде што полета.

За летот да биде успешен во атмосферата различна од онаа на планетата Земја, двата ротори на хеликоптерот требаше да вртат со 2.500 вртежи во минута, односно пет пати побрзо отколку на Земјата.

За проектирањето и изградбата на хеликоптерот со висина од 0,5 метри, беа потребни повеќе од шест години. Хеликоптерот е опремен со соларен панел од кој ги полни своите батерии.