ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса/Алтернатива ги повлекуваат амандманите – 5 пакет антикризни мерки наскоро на усвојување пред пратениците

0
19

И ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците најавија дека ќе ги повлечат амандманите и со тоа се отвора патот за деблокирање на Собранието за да се донесе петтиот пакет економски мерки за помош на стопанството погодено од Ковид кризата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски најави дека тие го деблокираат законот за државјанство и повикаа мерките што е можно поскоро да бидат изгласани во парламентот. Можност да одблокирање на петтиот пакет мерки има уште денес вели тој.

„Доколку Алијанса и Алтернатива ги повлечат амандманите од петтиот пакет мерки Комисијата за финансирање ја води наш претседател од ВМРО-ДПМНЕ кој што може и во текот на денешниот ден да закаже седница како би можело деловнички комисиски да заврши расправата по петтиот пакет мерки и во текот на попладневните часови или веќе утре седницата на која што се петтиот пакет мерки со трите закони да продолжи и да се заврши и да ги добијат граѓаните овие средства кои што ги очекуваат.“, рече Мицевски.

Повлекувањето на нивните околу 3 илјади амандмани поднесени на пакетот економски мерки го најавија и од албанската опозиција Алијанса и Алтернатива.

ТВ21 го контактираше претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Тимчо Муцунски кој рече дека најпрво ќе се координира со пратениците и дека е можно уште денеска или најдоцна до утре да закаже седница за петтиот пакет мерки.

Од СДСМ со став дека е добро што се деблокира Собранието и што ќе бидат изгласани пакетот антикризни мерки, но воедно обвинија дека досегашната блокада е договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива.

„Добро е што притисокот од јавноста, кончено вроди со плод и што конечно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија повлекување на амандманите поднесени за Законот за државјанство, а коалицијата Алтернатива и Алијанса најави повлекување на амандманите на законите за економските мерки. Повлекувањето на амандманите на Законот за државјанство ги потврдува информациите дека постоел договор помеѓу ААА и ВМРО- ДПМНЕ.“, велат од СДСМ.

Премиерот Зоран Заев и лидерите на албанската опозиција Алијанса за Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши по вчерашната средба изјавија дека до крајот на оваа недела очекуваат да се постигне конечен текст на предлог законот за државјанство.