Груби му најде решение на Пауновски – од 1349 прераспределени, само 650 почнале со работа

0
15

Роковите поминаа, а не сите административци кои беа распределени почнале со работа. Од вкупно 1349, само 650 почнале со работа. Очигледно дека не сите управители на институциите имаат волја да направат место за сите.

Во Пазарен инспекторат, директорот Стојко Пауновски потврди дека е сигурен дека за 35 прераспределени нема ниту место ниту услови! Проблем е образованието. Тој бара правници и економисти, а со вакво образование се само 12 од 35 распределени административци.

Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби е задоволен од текот на распределбите. Тој вели дека малку се институциите кои коментираат како институцијата на Пауновски, на која вели дека ќе и’ помогне со правници и економисти.

„Секако, доколу имаме повеќе правници и економисти со мала измена на планот ќе испратиме за да ги задоволиме потребите на Инспекторатот. И самите видовте дека ниту тој не се двоуми да ги земе административците, бара и повеќе доколку има такви кои ги исполнуваат условите.“, рече Груби.

Работата заглави и во УЈП. Заменик директоот Абдул-Селам Селами вели дека само што се сменила внатрешната систематизација и наскоро новите се очекува да почнат со работа.

„Пред две недели добивме нова систематизација, се работи на подготовка на решенијата и се надевам дека наскоро ќе започнат со работа. Вкупниот број е 101 административен работник.“, рече Селами.

Со работа немаат почнато ниту 137 распределени во МВР. Овде има дополнителна процедура, се проверува чистината на фигурата. Заменик министерот Назим Буши вели дека имињата се уште се во Агенцијата за национална безбедност.

„Имињата на 137 административци распределени во МВР се уште се во АНБ за да се провери чистината на нивните фигури. Се чека одговор. Конкретен рок за завршување на процесот не е даден, но од МВР е побарано да бидат со приоритет во процесот на контрола.“, вели Буши.

И ако во некои институции има застој, во Царинската управа, 74 административци веќе почнаа со работа, изјави за ТВ21 заменик директорот Ирфан Бучи.

„Направив измена на систематизацијата и во рок од 15 дена ги завршив сите процедури! Во Царина вкупно се трансферирани 74 административци. Со работа започнаа од 1 март.“, рече Бучи.

Министерот Груби очекува процедурата за прераспределба да заврши до ребалансот на буџетот, каде средствата од Министерството за политички систем треба да одат во институциите каде започнале со работа административците. Тие кои се вработени по програмата К5 кои не го прифаќаат местото каде што се систематизирани, преминуваат на трансфер листата во Министерството за администрација. Доколку и овде не ја прифатат првата понуда, тогаш остануваат без работно место.