КСС и објави војна на власта и ги зовре синдикалните страсти

0
21

Среде пандемија, власта ги заборави работниците кои наместо институционална решија од улица да ја бијат битката за своите права. „Доста е, претеравте“, е мотото под кое Конфедерацијата на слободни синдикати реши да испрати протестен аларм за состојбите со работничките права за кои тврдат дека го допреле дното.

Од КСС реагираат дека нема социјален дијалог, не се почитува Законот за минимална плата, има проблеми со неработната недела, нема 100 отсто боледување за ковид-19, има притисоци врз синдикалните лидери. Револтот е голем, а поради пандемијата овој пат тој се изразува преку протестно дефиле со автомобили низ метрополата:

„Со овој протест сакаме да испратиме порака дека е веќе доста. Ова што се случува повеќе не се трпи, наместо социјален дијалог, реално покачување плати, неработна недела, почитување на законите во делот на боледување од Ковид ние имаме репресија врз синдикалните лидери, синдикалното членство кое насилно се одзема, се демонстрира сила, во услови кога повредите на работничките права се досега најголеми. Бараме ова да запре, да престанат отказите, да престанат обидите за растурања на синдикатот“, изјави за Дојче веле Благоја Ралповски, претседател на Конфедрацијата на слободни синдикати.

Предупредувачки протест

Денешниот протест според него е предупредувачки и доколку нема промени активностите и револтот нема да запрат:

„Доколку нема резултати во деновите кои следуваат ќе се радикализираме уште повеќе. Притисоците се верувајте огромни. Десетици лидери на гранските синдикати трпат реперкусии. Ние веќе реагираме и на меѓународен план, покренавме и тужба до Меѓународната организација на трудот. Преку комитетот за слобода на здружување ќе ја тужиме Владата што е за прв пат во историјата на МОТ. Доказите за ова се непобитни. Дополнително реагираме и што две години во фиока се чуваат документите за репрезентативноста на КСС“, реагира Ралповски.

Надлежните институции пак се правдаат дека за прашањата за работниците и нивните права се консултираат сите синдикати. Од министерството за труд и социјална политика велат дка правото на протест е легитимно и со устав загарантирано, но апелираат на внимателност поради пандемијата.