Дали словенечкиот премиер Јанша доставил документ за прекројување на границите на Балканот?

0
23

Политичката сцена во Словенија и Босна и Херцеговина втор ден ја тресе аферата дека словенечкиот премиер Јанша на првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел наводно му доставил нон-пејпер со кој се предвидува конечно довршување на распадот на екс Југославија, во чии рамки би биле опфатени Босна, Косово, Македонија и Црна Гора. Јанша на Твитер категорично отфрли постоење таков документ, но веста објавена на босанскиот портал „Политички“ веќе ги разбранува духовите, а словенечката амбасадорка Зорица Букинац експресно беше повикана кај членот на Босанското претседателство, Жељко Комшиќ. Ова уште повеќе, што од самото претседателство соопштија дека словенечкиот претседател Пахор за време на посетата на Сараево минатиот месец го начнал прашањето за распад на Босна и Херцеговина.

-Точно е дека и претседателот Пахор праша дали е возможно мирно раздружување на БиХ, на што г-н Комшиќ и јас јасно кажавме дека оние кои заговараат такви идеи ја водат оваа држава и целиот регион во војна, изјави за 24 часа, Шефик Џаферовиќ, член на претседателството на БиХ.

Порталот „Политички“ меѓу другото пишува дека слична тема за мирен распад Пахор наводно отворил и за време на посетата на Скопје во септември минатата година, но без да наведе повеќе детали. Според наводниот документ на Јанша, кој се уште никаде не е јавно објавен се предлагала промена на границите на Србија и Косово според планот Вучиќ-Тачи, вклучително и можност за отцепување на Република Српска, припојување на делови од Црна Гора и Македонија кон албанското мнозинство во Албанија и присоединување на западна Херцеговина кон Хрватска.

Резервна варијанта е формирање на три национални републики во Босна и Херцеговина. Српската и хрватската да имаат блиски врски со нивните матични земји, додека бошњачкиот дел ќе добие коридор до меѓународните морски води што ќе биде загарантиран од НАТО., пишува „Политички.ба“

Портпаролот на Европската Комисија, Петер Стано, денеска изјави дека не е запознат со таков документ и дека позицијата на Брисел во однос на границите е јасна.

-Дефинитивно не сме примиле, виделе, ниту сме запознаени со таков документ и не коментираме за наводната содржина на тој нон-пејпер. Oна што можам да го кажам е дека позицијата на ЕУ е многу јасна во однос на балканските партнери дека околу прашањето за границите, нема ништо што треба да се менува., изјави Петер Стано, портпарол на ЕК

Во однос на содржината на нон-пејперот, словеченечкиот портал „24 часа“, пак, пишува и дека документот наводно ќе го регулира враќањето на екс премиерот Груевски од егзил во Унгарија.