Ковидот ја легна Битола во постела, стравот се вовлече кај граѓаните

0
17

Епидемиолозите велат дека главна причина за неверојатно брзото ширење на короната во Битола последните неколку недели се преполните кафетерии на Широк Сокак. Таму беа младите кои потоа вирусот го носеа дома

Анета Блажевска

БИТОЛА – Дневната кафе-шема на Широк Сокак, дружбата на младите, особено на средношколците, групирањето и непочитувањето на превентивните мерките ја „легнаа“ Битола во постела. Градот веќе неколку недели е во тешка битка со вирусот, со широко распространета трансмисија на вирусот.

Британскиот сој на Ковид-19 стана доминантен во Битола, па многу брзо се заболуваат цели семејства, а за жал расте бројот и на починати, па сѐ почесто се случува црната статистика да брои по 4 до 6 починати на ден.

Вкупниот број на заболени во Битола достигна 5.030. Најалармантно во таа бројка е што дури 1.230 се заболени во последните три недели. Односно, зголемувањето на бројот на заболени на неделно ниво е за 76 проценти повеќе од претходната недела.

Битолскиот епидемиолог д-р Тони Коњановски од Центарот за јавно здравје Битола за „Независен“ ги открива причините за актуелната состојба со Ковид-19 во Битола, кој од градовите од внатрешноста е на врвот по бројот на новозаболени во државата и веднаш зад Скопје. Според него, претходните недели најчесто заболуваше популацијата од 20 до 49 години, а од минатата недела и постари од 60 години, што значи дека помладите го рашириле вирусот па страдаат повозрасните.

„Причините за зголемениот број позитивни случи во изминатите неколку недели со ред ги лоцираме во непочитување на превентивните мерки, особено на младите, на средношколската популација, начинот на нивното дружење, групирање, седенки, или како што велиме ние во Битола, дневна кафе-шема на Широк Сокак. Потоа имаме висока продорност на новиот британски сој, кој доминира и брзо се шири помеѓу членовите во семејствата. Сега немаме посебни кластери. И секако, туку се доцна преземените, поенергични и рестриктивни мерки, на кои ние од фелата претходно укажувавме“, вели д-р Коњановски.

Значаен фактор за наглото покачување на бројките на новозаболени во Битола е и можноста тестираните од приватната болница „Плодност“ во Битола да влезат во официјалниот извештај на Министерството за здравство за бројот на заболени, што досега не беше случај, иако болница правеше тестови за Ковид-19 со месеци наназад.

„Позитивните тестови од приватната болница ‘Плодност’ од 31 март го зголемија бројот на позитивни случаи и тоа за триесеттина новозаболени дневно во просек. Така бројката на новозаболени во Битола неколку дена е над 100. Тука секако игра улога и стравот и паниката кај граѓаните, кои го зголемуваат притисокот за тестирање“, вели д-р Коњановски.

Во секое време на денот Широк Сокак беше полн со луѓе (Фото: А: Блажевска)
Битолскиот епидемиолог смета дека поради веќе преземените рестриктивни мерки, бројките во Битола ќе стагнираат за што очекуваме ефектот да се почувствува за неколку недели.

„Актуелните мерки ќе доведат до намалување на бројот на заболени, секако за тоа ќе придонесе стравот и паниката кај граѓаните, за сериозно да ги сфатат препораките кои ги даваме како здравствен сектор, да се почитуваат и индивидуалните мерки и да се подобри колективното однесување“, смета Коњановски.

Според податоците од Клиничката болница во Битола најголем дел од сега хоспитализираните во регионалниот Ковид центар се млади од 28 до 40 години. За 24 часа примени се 23 пациенти, со што вкупно има 134 заразени на болничко лекување, сите се со тешка клиничка слика и на кислородна поддршка. Бројот на активни случаи во Битола достигна 1.149, исто како и во Куманово, каде од почетокот на кризата има 7.351 заболени, наспроти 5.030 во Битола.

Од СВР Битола официјално потврдуваат дека во моментов во Битола има дури 1.645 граѓани кои се во изолација поради позитивен тест или контакт со заболено лице. За споредба, таа бројка на граѓани во изолација во Прилеп изнесува 1581.

Од битолската полиција велат дека секојдневно продолжуваат акциите на полицијата за контрола на граѓаните кои на отворено не носат маски и не се придржуваат до препораките. За изминатите два дена казнети се 31 граѓани за неносење на заштитна маска.