Девет полициски службеници паднаа во аферата „Мафија“. Тие биле дел од мрежа за која постојат сомневања дека фалсификувала пасоши и лични карти кои потоа им биле давани на членови на балканското подземје. Од полицијата само потврдуваат дека се спроведува полициска акција, а деталите ги најавуваат за подоцна. Скандалот вчера на брифинг го обелодени ВМРО-ДПМНЕ, а според нивните документи, еден од босовите на турската мафија, Седат Пекер, има македонски пасош и лична карта со име Џадин Адемовски. Според документите тој живее на улица Ќемал Сејфула број 22/1 во скопската населба Чаир, а според избирачкиот список има право на глас. Сепак, зградата во која наводно живее Седат Пекер, не може да се најде, нешто за што полицијата треба да даде детали – дали станува збор за фиктивна адреса или за друго лице?
Полицијата денеска правeше претрес и во своите редови, поточно во канцелариите каде што се издаваат патни исправи и лични документи.
„Ваков случај на афера не можел да се случи без знаење на највисоките структури на власта. А, ако не знаеле за тоа, тогаш, тие комплетно ѝ ја предале власта на мафијата. И ова не треба да заврши формално со соопштение од министерството за внатрешни работи дека апси и при што ќе паднат некои ситни риби и службеници, да не ни ја навредуваат интелегенцијата. Ова не било возможно без највисоките структури на власта да знаат…“, рече Мицкоски.
Според она што вчера го брифираа од ВМРО, околу 200 криминалци од Балканот, Јужна Америка и Азија добиле македонски документи. Меѓу нив, наводно е и шефот на црногорскиот клан наречен „Шкаљарски клан“, Јован Вукотиќ, со лажен идентитет како Георги Андонов, издаден во СВР Скопје во 2017 година.