Пет проекти на музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево финансиски поддржани од Министерството за култура

0
29

Пет проекти подготвени од музејот„ Западна Македонија во НОВ“ во Кичево, финансиски ќе бидат поддржани од Министерството за култура. Директорот на музејот Дардан Емини истакна дека од годинашната програма финансиски ќе бидат поддржани следните проекти.

Научните истражувања за верскиот живот во 20-от век во Кичево, народни македонски и албански носии во Кичево и Кичевијата. Потоа ќе се сублимира се она што е пишано во домашниот и странскиот печат за скопјанката Мајка Тереза. Четвртиот проект е грнчарството во кичевско, фотодокументација како растел и се развивал овој занает и петтиот проект е научното истражување „Првата светска војна 1914-1918 во Македонија“.

– Научното истражување верскиот живот во 20-от век во Кичево ќе го збогатиме и со посета на поголем број на верски објекти кои гравитираат во нашиот регион, ќе разговараме со свештеници и лица на кои оваа проблематика им е многу блиска, вели директорот Емини и потенцира дека научното истражување на народни македонски и албански носии во Кичево и Кичевијата, ќе го комплетираат со посета на поголем број на колекционери кои ги има во регионот и кои поседуваат голем број на народни носии од овие националности. Емини за преостанатите три проекти посочи на што ќе биде ставен акцентот во нивната подготовка. – Во трите преостанати проекти домашниот и странскиот печат за скопјанката Мајка Тереза, ќе биде сублимат од голем број пишани прилози, извештаи, интервјуа и се она што е поврзано со нашата Нобеловка, Мајка Тереза и нејзината хумана работа.

Фотодокументацијата грнчарството во Кичевско ќе биде презентација на огромен број на фотографии снимени низ времето во најгрнчарското село во земјава, Вранештица. Од традиционалното производство на глинени производи до нивното преживување до ден денес и како го перцепирале овој занает странските посетители. Последното научно истражување е поврзано со Првата светска војна 1914-1918 година во Македонија. Во ова истражување ќе бидат вклучени поголем број на историчари кои ја обработувале оваа тема од пишани лични сведоштва, фотографии и филмувани стории поврзани со овој период.