Поради доцнење на петтиот пакет мерки 10,7 отсто од работодавачите не исплатиле плата за февруари

0
28

Дури 10,7 отсто од работодавачите не исплатиле плата за февруари, изјави денес на прес конференција директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

„Во однос на неисплатени плати во февруари, од 63.948 прифатени МПИ пресметки, 6.888 работодавачи немаат исплатено плата. Односно тоа е 10,7 проценти“, рече Лукаревска, одговарајќи на новинарско прашање.

Иако директно не посочи, сепак, ваквиот показател во голема мера се должи и на доцнењето на петтиот сет мерки кој е заглавен во собраниска процедура.

Лукаревска нагласи дека УЈП е подготвена за петтиот пакет економски мерки, особено во делот на процедурата за аплицирање на финансиската поддршка за исплата на плати.

„Секако ќе известиме како ќе оди целиот процес, затоа што предлог законското решение се однесуваше за февруари и за март кои што веќе завршија“, рече таа.

Лукаревска нагласи дека ќе се направат соодвети известувања за сите чекори како да се врши аплицирањето од страна на компаниите и на самостојните вршители на дејност, со тоа што ќе треба да се направат одредени промени односно корекции на самите МПИ пресметки со соодветна шифра.

„Во делот на оние компании кои што немаат исплатено плата од претходно земената помош, дали станува збор за првиот или за вториот пакет мерки, со последната состојба која што ја имаме од 1 април годинава станува збор за 133 работодавачи на кои што им била одобрена финансиска поддршка, а немаат исплатено плата за некој од овие месеци“, рече Лукаревска.

Таа објасни дека вкупно станува збор за 161 МПИ пресметка, односно 110 работодавачи не исплатиле плата за еден месец, 18 за два месеци и пет работодавачи немаат исплатено плата за три месеци.

„Врз основа на тоа, сите мерки кои што ги имаме во Законот за даночна постапка и во делот на спроведување на присилна наплата се преземени. Кај дел заедно со Државниот инспекторат за труд направивме контроли, секој во својата надлежност, а започнати се контроли и кај другите работодавачи кои што направиле злоупотреба во месец декември“, рече Лукаревска.

Зборувајќи за компаниите кои немаат испратено МПИ пресметки чекајќи ја финансиската поддршка, таа рече дека до нов се доставени опомени, но УЈП како даночен орган ќе покаже толеранција во делот на блокирањето.

„Го имаме во предвид фактот дека треба да се помогне на компаниите кои не по нивна вина доцнат во некој сегмент во исплата на платите, иако стриктно постапуваме во однос на даночниот календар за преземање дејствија за присилна наплата“, рече таа.

Лукаревска нагласи дека не станува збор дека УЈП нема да блокира онаму каде што нема основ за такво нешто.

„Зборуваме за ситуација во која што во моментов одредени компании ја чекаа финансиската поддршка и можеби затоа во нивните сметководствени калкулации кои што ги имаат направено како даночни обврзници очекувале дека навремено ќе пристигне оваа финансиска поддршка“, рече таа.

Кај овие компании кои во моментов немаат средства да исплатат плата, во евиденцијата на УЈП е детектирано тоа и доставени се навремено опомени за кои што има соодветни рокови.

„Кога петтиот пакет ќе ја помине собраниската процедура, оние кои што исплатиле, а чекале финансиска поддршка, ќе добијат инструкции како целиот овој процес да го спроведат“, рече таа.

Во однос на толеранцијата за исплата на платите, Лукаревска посочи дека тоа ќе зависи од времето кога ќе се донесат економскитте мерки, односно финансиската поддршка за која е надлежна УЈП.

„Онаму каде што се утврдени злоупотреби, каде што сме виделе дека и наназад неколку месеци не се исплатени плати таму ќе постапуваме согласно надлежностите за присилна наплата од законот за даночна постапка“, рече Лукаревска.

Инаку, прес-конференцијата на Лукаревска беше посветена на „Враќање на финансиската поддршка за исплата на плати односно претворање на финансиската поддршка во грант“. Според податоците што беа изнесени, во изминатиот период преку мерките во надлежност на УЈП, како поддршка за стопанството биле исплатени вкупно 135,34 милиони евра. Обврската за враќање на примената финансиска поддршка е околу 19,59 милиони евра или 14,5 отсто од вкупно исплатена финансиска поддршка. (М.Ј.)