Со гласовите на двајца пратеници позитивни на Ковид-19 изгласани антикризните мерки

0
24

Со 115 гласови „За“ Собранието на Северна Македонија едногласно го изгласа петтиот пакет антикризни мерки за помош на граѓаните и компаниите погодени од Ковид-19.

Но, претходно за да се направи кворумот за почнување на првата од двете денешни седници мораа да присуствуваат и двајца пратеници од владејачкото мнозинство кои се позитивни на коронавирусот, а кои во скафандери и во посебна просторија гласаа за законите на денешниот дневен ред.

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на својот Фејсбук профил попладнево објави дека тргнала на денешната седница облечена во скафандер.

„Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот. Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив“, напиша Костадиновска Стојчевска.

Пред одржување на седницата, на пресконференција, од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека доколку пратеници позитивни на Ковид-19 се појават во законодавниот дом тоа ќе значи дека самото владино мнозинство директно ги прекршува мерките и законите против пандемијата кои важат во државата.

Од СДСМ, пак, изјавија дека двајцата пратеници кои се во изолација со претходен преглед и со дозвола од инфектолог се дојдени во Собранието. Тие низ законодавниот дом се движеле низ посебен пат и престојувале во посебни кабини кои потоа ќе бидат дезинфицирани.

Пакетот антикризни мерки, кој денеска беше изгласан, се однесува на парична помош за исплата на плати за февруари и март, за која компаниите ќе може да аплицираат до 30-ти април годинава.

Законите за антикризните мерки беа блокирани во Собранието неколку месеци поради тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците поради различни образложенија одбиваа да обезбедат кворум за работа.

Претходно пратениците ги изгласаа и точките од дневниот ред на 32-та седница, за која опозициските партии одбиваа да обезбедат квором неколку недели наназад, на која беа повеќе извештаи на државни институции, како и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025 година.