Таравари го советува Филипче да донесе одлука приватните клиники да ѝ се стават на располагање на државата

0
19

Не можам да разберам зошто не презема чекори приватните болници да бидат на помош, вели поранешниот министер за здравство и ја оценува ситуацијата со епидемијата како максимално алармантна
Есента, минатата година, кога беше прогласена кризната состојба во земјава поради епидемијата, беше соопштено дека државата ќе може да ги користи и услугите на приватни здравствени установи, а за тоа ќе ги обесштетува согласно Законот за кризна состојба
Ситуацијата е алармантна и крајно време е министерот за здравство Венко Филипче да донесе одлука и капацитетите на приватните клиники да ѝ се стават на располагање на државата, додека трае овој бран од коронавирусот, оценува претходниот министер за здравство Арбен Таравари.

„Ситуацијата е максимално алармантна. Во Велика Британија имаше 254 починати, а кај нас има 263. Ова се загрижувачки бројки, а да не зборуваме за капацитетите во болниците. Како лекар зборувам, повеќето пријатели ми кажуваат дека нема место по болниците, има огромен број пациенти кои се третираат во домашни услови. Мора државата да направи протокол по кој ќе се водат фамилијарните доктори. Не можам да разберам зошто министерот не презема чекори приватните болници да бидат на помош. Таму се плаќа пет пати, па и десет пати поскапо. Крајно време е министерот да донесе одлука сите капацитети, и во приватните клиники, да ѝ се отстапат на државата, додека трае овој трет бран. Македонија е на петто место во светот по починати на милиони жители за последните 7 дена, од 153 држави кои се испитуваат и кои даваат официјални податоци“,

вели Таравари во гостување на ТВ 24.
Од утре се затвораат угостителските објекти, полициски час од 20 часот

Есента, минатата година, кога беше прогласена кризната состојба во земјава поради епидемијата, беше соопштено дека државата ќе може да ги користи и услугите на приватни здравствени установи, а за тоа ќе ги обесштетува согласно Законот за кризна состојба.

Кризната состојба во земјава поради ситуацијата со ковид-19, според последните одлуки, ќе трае до крајот на јуни.