Oд утре почнува рамазанскиот пост

0
31

Муслиманите во регионот и светот од утре почнуваат со првиот ден од постот во месецот Рамазан, месецот на милост, простување и солидарност…

Месецот Рамазан е деветтиот месец од исламскиот календар, а муслиманските верници целодневно се воздржуваат од конзумирање храна, цигари, алкохол, но и од лоши мисли, идеи и дела. Постот почнува со изгрејсонце (суфур) и трае до зајдисонце (ифтар). Јадење и пиење се дозволени во текот на ноќта. Од пост се ослободени децата, бремени жени, доилките и болните.

Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови – милост, бериќет и проштевање. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии – духовна, морална, солидарна и здравствена.

По триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен Рамазански бајрам, кој се смета за голем празник во исламот.

Почетокот на Рамазан секоја година се поместува за 10 дена наназад, односно во престапните години за 11 дена, во однос на претходната година, поради разликата помеѓу исламскиот и грегоријанскиот календар.

Во дел од арапските држави постот е само во првите неколку дена во месецот.

Зборот Рамазан во Куранот се среќава само еднаш, во сурата Ел-Бакара, 185 ајет (стих): „Рамазан е месецот во кој Kуранот се спушта за да им биде патоказ на луѓето и со јасни знаци да ги води по вистинскиот пат…“.