ЗАЕВ ВЕРУВА ДЕКА ПЕНДАРОВСКИ И РАДЕВ ЌЕ БИДАТ ПОТТИК ЗА ИСЧЕКОР ВО РЕШАВАЊЕТО НА СПОРОТ СО БУГАРИЈА

0
39

Претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, кои неделава заедно ќе отпатуваат во Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј, според премиерот Зоран Заев би можеле да бидат поттик за да се направи исчекор напред во решавањето на спорот помеѓу Скопје и Софија.

„Верувам дека и европскиот дух на претседателите Радев и Пендаровски ќе биде поттик да направиме исчекор да продолжиме понатаму и секако низ патната карта да успееме да го забрзаме и ефектуираме она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија“,

изјави денеска Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот потсети дека земјава повеќе од 16 години е кандидат за членство, од 2001 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација, веднаш по Словенија, а пред Хрватска, кои денес се веќе членки на Унијата.

„Навистина ниту еден аспирант за ЕУ, кој сакал да го продолжи патот не чекал толку, колку што чека Северна Македонија. Верувам дека Бугарија ќе биде силен поддржувач на Северна Македонија и на патот на ЕУ интеграциите на целиот Западен Балкан“,

додаде Заев.

Претседателот Пендаровски, пак, минатата недела коментирајќи го заедничкото патување со Радев рече дека очекува да стане збор и за спорот помеѓу двете држави, но оти тоа би биле неформални разговори.

„Сигурно ќе стане збор, ама тоа ќе биде неформален контакт, муабет. Воопшто не е планирано да има некои формални разговори. Не затоа што е ситуацијата во Софија таква со службена влада, туку затоа што претседателот таму, како и тука, оперативно не ги води тие работи. Владите ги водат. Сигурно дека не е реално дека воопшто нема да прозбориме за проблемот, меѓутоа нема да бидат тоа преговори. Јас ќе се обидам да останам во оние рамки во кои бев во телефонскиот разговор со него пред повеќе месеци. Имавме тогаш долг разговор на таа тема, секој остана на своите позиции, јас информирав за тоа. Меѓутоа, чинам дека Радев има една поумерена реторика со која ги објаснува бугарските ставови и очекувам повторно да биде еден достоинствен меѓу двајца џентлмени“,

изјави претседателот.

Заради ковид-протоколите за прием кај папата двајцата претседатели не отпатуваа денеска туку тоа ќе го направат на 26 и 27 мај. Ќе патуваат заедно, со бугарскиот државен авион.

Извор 360°