Заев: Најден е концесионер за Попова Шапка, најдовме и стратешки инвеститор кој ќе вложи 500 милиони евра во ветерница

0
28

Премиерот Зоран Заев, претставувајќи го Интервентниот план за инвестиции, соопшти дека е пронајден првиот стратешки инвеститор на земјата кој ќе вложи 500 милиони евра во изградба на ветерна електрана од 400 мегавати.

Станува збор за германски инвеститор чие име треба допрва да биде обелоденето а тој ќе биде прв таков во рамки на Законот за стратешки инвестиции кој треба да биде изгласан во Собранието.

„Инвеститорот го достави целиот пакет на документација во Владата, привршуваат финалните преговори. Убавината е што овде немаме никакви обврски за тарифи и за премиуми. Се работи за инвеститор кој што веќе има 5.000 мегавати изградено во други земји, рече Заев.

Премиерот рече дека на Македонија и припаднале 900 милиони грантови од 9 милијарди евра од ЕУ определени од Планот за закрепнување и излегување од пандемиската криза, кој во наредниот период ќе се вложуваат во инвестиции кои ќе одат преку Собранието, како концесија, јавно-приватно партнерство или директно преку државата.

Ќе се вложат 50 плус 50 милиони евра за ски-центарот Попова Шапка. Ќе биде даден на 99 годишна концесија. Името останува доверливо, самиот инвеститор ќе го објави. Станува збор за инвестиција која ќе го подобри имиџот во државата, наведе Заев.

Тој наведе дека е направена и физибилити студија за ски-туристичкиот центар Царев Врв на Осоговските планини. Таму ќе се инвестираат 50 милиони евра во јавно-приватно партнерство, штом ќе заврши процесот на Попова Шапка.