СДСМ е партија со традиција, пркос и одлучност за евроатланска иднина на Македонија, порача Ковачевски од Гостивар

0
32

Ние немаме на листите кандидати од минатото како што има ДУИ или третиот ешалон на Никола Груевски како што има ВМРО-ДПМНЕ. Ние имаме млади, прогресивни луѓе и затоа немојте да се плашите за иднината на Македонија. Ова вечерва на митингот во Гостивар го порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Кој е вашиот пат? Ќе излезете од НАТО, ќе ги прекинете преговорите со Европската Унија, ќе ги затворите границите со соседите?

Ова се прашањата што носителката на листата од СДСМ во шестата изборна единица, Славјанка Петровска вечерва од Гостивар ѝ ги постави на опозицијата велејќи дека патот кон иднината е тежок и макотрпен, но дека друг пат нема.

Петровска им порача на граѓаните да не губат надеж во единствената опција што јасно кажува Гостивар и Македонија за неколку години да станат дел од Европската Унија и, како што рече, заедно да растат стандардот и платите и нашите деца и внуци покрај нас.

„Нашата опција е јасна. Ние не бегаме од тешките прашања, но и не ги негираме грешките. И ние сме луѓе од крв и месо. И нас нѐ болат неправдите што доаѓаат однадвор и сите тешки одлуки и за името и за односите со соседите. И сето тоа и нам ни тежи на душа, но ние немаме право да ве лажеме дека има успех без цена – за нашата Македонија да дојде таму каде што природно припаѓа, во цивилизирано европско семејство со висок стандард, со плати со кои ќе може да се живее нормално, а не да се преживува, современо здравство во кое и пациентот и лекарот ќе имаат сѐ што им е потребно на дофат, каде што има правда за сите, каде што луѓето пред институциите нема да бидат нервозни и тажни, за армија и полиција со уште повисоки плати со еден збор за човек кој легнува и се буди среќен и задоволен што живее во оваа земја не ковајќи планови да замине од неа“,рече Петровска.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека заедно со граѓаните успеале да го срушат режимот на ВМРО-ДПМНЕ и, како што рече, да ја ослободат државата од канџите на ВМРО-ДПМНЕ после 11 години изолација.

Ковачевски рече дека СДСМ е партија со традиција, пркос и одлучност за евроатланска иднина на Македонија и тоа е најдобар доказ дека лесно не се откажува.