СДСМ го обвини Мицкоски дека излажал за новиот клинички, тој најави разговор со Курц

0
21

СДСМ го обвини опозиискиот лидер Христијан Мицкоски дека на последната лидерска средба со премиерот Зоран Заев ветил дека ќе ја поддржи изградбата на новиот клинички центар. Но, како што истакнаа од владејачката партија, на Мицкоски целта му била, како што велат, на подмолен начин да дојде до документите кои му беа доставени, за да ги злоупотребува и да манипулира со податоци.

„За Мицкоски тоа што Физибилити студијата е „Непостоечки проект“ всушност е направена заедно со помош на австриската влада предводена од Канцеларот Курц. Физибилити студијата е договорена на ниво на Влади на Република Северна Македонија и Австрија, во форма на стручна бесплатна помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава. Таа Физибилити студија е одобрена од Националната Агенција на Австрија – АХЦ (Austrian Health Care Systems & Engineering GmbH)“, велат од СДСМ.

Од таму додаваат дека Клиничкиот центар што требало да го направи ВМРО ДПМНЕ биле, според нив, обични интерни клиники во вредност од 120 милиони евра.

„Министерството за здравство и Владата на СДСМ во ковид пандемија, ги реновираше сите Интерни клиники за не повеќе од 1 милион евра. Математички прецизниот Христијан Мицкоски нека каже колкава разлика е тоа? ВМРО ДПМНЕ договор за изградба на нов Клинички потпиша со компанија која по неколку месеци отиде во стечај! Каков ли математички прецизен договор направила претходната влада за таканаречениот нов Клинички центар? Оваа Влада ќе изгради нов Клинички центар современ и модерен проект како што заслужуваат нашите граѓани“, велат од СДСМ.

Од таму посочија дека најреномирани европски комапнии – германската „Вамед“ и француската „Буиг констракшн“, ќе бидат вклучени во изградбата на клиничкиот центар.

„Законот за изградба на новиот Клиники предвидува независен финансиски ревизор односно со тој закон да се дозволи девете компании „Вамед“ и „Буиг констракшн“ да дадат една понуда за изградба на Клинички. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ знаат дека имаат отворена понуда опозицијата да го води целиот проект, но немаат доблест да гласаат за законот, очигледно спасот на лидерот Мицкоски им е поважен од задравјето на граѓаните“, велат од партијата од Заев.

Мицкоски, пак, денес реагираше дека најверојатно ова соопштение на СДСМ го пишувал, како што рече, советникот на тогашниот министер за здравство или смрт, алудирајќи на Никола Тодоров.

„Единствено што е “подмоло” господа од СДСМ во овој проект се провизиите кои ги очекувате, но треба да знаете дека додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржам вашите планови за криминал и жестоко ќе се борам против нив. Го поганите името на австрискиот канцелар Курц кој истовремено е претседател на нашата сестринска партија АНП (OVP), наведувајќи дека тој го поддржува овој ваш криминален потфат во обид, а за време на изборите во 2016 жестоко го навредувавте и плукавте“, напиша Мицкоски на фејсбук.

Тој најави дека лично ќе разговара со Курц за, посочува Мицкоски, овој криминален потфат во обид и од него ќе побара мислење како тоа се трошат минимум 510 милиони евра.

„Ќе побарам да ми даде еден таков пример во Австрија за да можеме да споредуваме. Познавајќи го, се сомневам дека е вистина тоа што го пишувате во штабските соопштенија… ВМРО-ДПМНЕ има план за минимум три пати поефтин и пофункционален проект кој ќе биде вистински одговор за граѓаните на Македонија во здравството. Уште малку ви остана… крајот ви се ближи, а со тоа и одговорноста“, порача Мицкоски.

Извор Фокус