СЕ ПОЈАВИ АУДИОСНИМКА ОД ЗАТВОРЕНИОТ ДЕЛ НА СДСМ ВО КОЈА СЕ СЛУШААТ КРИТИКИ ОД ШЕКЕРИНСКА

0
23

На прашање за коментар за снимката, од СДСМ велат дека вчерашниот конгрес поминал во демократска и другарска атмосфера, дека во партијата се говори гласно и се почитуваат различни мислења, а дека оние што се надевале на раздори, се разочарале

Во пресрет на конгресот, Шекеринска самата најави дека се повлекува од функцијата бидејќи, како што рече, смета дека се потребни нови кадри за и СДСМ и политичката сцена во земјава да одат напред

„Реформи во СДСМ“ е насловот на нова страница, која од синоќа се појави на социјалната мрежа Фејсбук, непосредно по завршувањето на партискиот конгрес на кој беа избрани новите раководни органи на партијата. Единствената објава досега на оваа фејсбук-страница е аудиоснимка за која се тврди дека е од затворениот дел на конгресот, а во која се слуша гласот на Радмила Шекеринска, довчерашната заменик-претседателка на СДСМ.

„Шекеринска контра Заев! Далеку од камерите и микрофоните, Шекеринска отворено зборува за проблемите во СДСМ и Заев. Слушнете што се случуваше во затворениот дел од конгресот“,

пишува во објавата, во која со „хаштаг“ се бараат реформи во СДСМ и оставка на Заев.

Во снимката се слуша како довчерашната заменичка на Заев изразува загриженост поради, како што вели, нерешавањето проблеми, изразувањето сомнежи за оние што имаат свој став, а не за оние што го кријат поради некаква лична цел итн.

„Морам да кажам дека за некои работи сум и загрижена и сакам апсолутно да не сум во право. Загрижена сум дека за одредени прашања влегуваме во старата замка или старата опасност, а тоа е да ги затвораме очите од некои проблеми кои само ние можеме да ги решаваме, никој друг. Загрижена сум за тоа чувство дека ако си го одмолчиш своето, нема да има никакви проблеми, а тие проблеми само се зголемуваат. Загрижена сум што е сомнително кога некој има став и некаква позиција, исправна или не, а не кога ги жртвува и ставот и принципите за некаква лична цел. И загрижена сум што повеќе почнавме да им веруваме и да им помагаме на луѓето што ескивираа или се дистанцираа, а помалку на оние што страдаа заедно со нас. И реков, се надевам дека тоа мое чувство дека за некои работи шушкаме, а не зборуваме за да го решиме проблемот, тоа нема да ѝ помогне, само ќе ѝ одмогне на партијата“,

вели Шекеринска во објавената снимка.

СДСМ: Конгресот на кој, секако, имаше дебата, помина во другарска атмосфера

На прашање за коментар за снимката, од СДСМ велат дека вчерашниот конгрес поминал во демократска и другарска атмосфера, дека во партијата се говори гласно и се почитуваат различни мислења, а дека оние што се надевале на раздори, се разочарале.

„Вчера СДСМ покажа силно, одлучно, вредно, социјалдемократско единство. Сите реформи, сите подобрувања добија силна поддршка од членството и делегатите. Многумина, коишто се надеваа на раздори, несогласувања, фракции, се разочараа. Напротив, конгресот на кој, секако, имаше дебата, помина одлично, во демократска, другарска и пријателска атмосфера. Промените во партијата добија силна поддршка од делегатите и од членовите на поранешното раководство, меѓу кои, секако, и Радмила Шекеринска, што се покажува и со големиот број гласови при усвојувањето на одлуките. Во СДСМ се говори гласно, се почитува различно мислење и тоа е една од демократските вредности и придобивки“,

вели за „360 степени“ портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.

Шекеринска беше заменик-претседателка на СДСМ во два мандата, почнувајќи од 2013 година, кога и беше воведена оваа функција. Претходно таа беше и потпретседателка на партијата, а од 2006 до 2008 година беше и претседателка. Во пресрет на вчерашниот конгрес, Шекеринска сама најави дека се повлекува од функцијата и дека нема да биде дел од друг партиски орган бидејќи, како што рече, смета дека се потребни нови кадри за и СДСМ и политичката сцена во земјава да одат напред.

По завршувањето на вчерашниот конгрес, таа на социјалните мрежи го честиташе изборот на новите луѓе во раководството и им порача да ја сакаат партијата, но да им служат на државата и на граѓаните.

Заев, пак, ѝ посвети објава на Фејсбук и ѝ се заблагодари за досегашната борба и успеси. Но, порача тој, ова не е збогување со Шекеринска, туку реорганизација.

Заев, пак, ѝ посвети објава на Фејсбук и ѝ се заблагодари за досегашната борба и успеси. Но, порача тој, ова не е збогување со Шекеринска, туку реорганизација.

Заев, пак, ѝ посвети објава на Фејсбук и ѝ се заблагодари за досегашната борба и успеси. Но, порача тој, ова не е збогување со Шекеринска, туку реорганизација.

„Нејзината посветеност, темелност, аналитичност и самокритичност се пример за сегашните и идните социјалдемократски генерации. И Радмила и јас добро знаеме дека нови успеси се можни само со нови идеи и кадри кои црпат поддршка и знаење од сениорите. Ова не е збогување, ова е реорганизација. Радмила продолжува со сите нас, до нови големи успеси за граѓаните и за државата!“,

напиша Заев.

На местото на Шекеринска, како нова заменик-претседателка на СДСМ, вчера беше избрана директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Извор 360°