Интервју со Кузмaновски – Уништувањето на муралот не е добар пример за било кој од идните надежни уметници без разлика на нивната националност

Деновиве се популаризираше темата за муралот на еден од најистакнатите македонски уметници кој повеќе од 5 децении беше белег на тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ, но од неодамна исчезна откако беше „премачкан“ со бела боја.

Уметник со препознатлив стил и впечатливо резиме и покрај сите пречки одлучува да живее и твори во родниот град. Човекот кој има добиено награди и признанија за своите достигнувања, бројни изложби и дела кои се препознаени и вреднувани ширум светот го доживува моментот на „бришење“ на едно од неговите дела без да биде информиран.

„Образование“, 1966

Глас.мк направи интервју со Павле Кузмановски во неговото ателје.

Едно парче уметност има голема вредност, а на овие простори истовремено живеат луѓе кои го вреднуваат, но има и некои кои го уништуваат неговото значење?

-Беше 1966 година и јас се вратив дома за зимскиот распуст како студент на Ликовната академија за применети уметности во Белград. Можам да се сетам како претходно ја имав на ум идејата за својот дипломски труд со убава замисла и темата беше Илинденското Востание. Таа зима која сигурно била доста блага, затоа што поинаку не би било возможно да се слика на ѕид започнав да го сликам муралот. Се решив да се испробам во техниката која подразбира употреба на маслени бои и на ѕид кој претходно беше подготвено премачкан со воден малтер. Скицата ја подготвив уште додека бев во Белград и зборував со советот на професори и со општината да ја пренесам на еден од ѕидовите во тетовската гимназија, „Кирил Пејчиновиќ“. Така настана првичната иницијатива за да се креира делото, започна Кузамновски.

Што значи за Вас муралот и која е неговата порака?

-Важно ми беше што го одобрија истото и што им се допадна идејата на сите. Како што кажав претходно, морав да се вратам во Белград за да ги довршам студиите и таму продолжив со целта да си ја насликам идејата на платно во големи размери.Бев навистина изненаден кога по неколку месеци од завршувањето на муралот во гимназијата, на Академијата во Белград ми стигна писмо со благодарност и парична помош во вредност од неколку собрани стипендии од страна на советот на професори во чест на придонесот што го имав направено своевремено.

Не ми значеше толку сумата, колку што беше посебен начинот на кој одлучиле да ме наградат чија вредност беше непроценлива за мене.

 Убаво е чувството што и после педесет и пет години има луѓе на кои им се допаѓа муралот. Ме радува што не е занемарен трудот иако мојот стил на сликање е сосем променет и повеќе не сум фокусиран на вакви дела. Во центарот на уживање во уметноста би ги поставил портретите, пејзажите, мртва природа и сведоците како нешто што лично најмногу ми се допаѓа да го сликам.

 

                       

„Сведок“ 2019                                                     „Девојка“

Дали актуелното дело е некогаш претходно санирано, ве имаат ли повикано од гимназијата?

-По десетина години откако го направив ме повикаа да направам мала корекција и рекоја дека на ѕидот се појавила влага од олуците. Не ми беше јасно ниту тогаш како можеше да се појави влага, но се разбира не сум човек кој би „кревал врева“ кон нешто што може да се среди па заминав и направив некои поправки. Понатаму, ниту еднаш не ме повикаа за нешто слично и муралот си стоеше мирно на ѕидот во следните педесетина години.Како голем љубител на уметноста, не сакам ниту да помислам да зборуваме за актуелната ситуација како за меѓуетнички проблем. Она што мене ме мачи е тоа што ова е начин на кој се уништува уметноста и не се запазуваат вистинските вредности на креираното.

Како уметник и креатор, какво мислење имате вие?

-Јас не сум рамнодушен кон стореното, но немам никаква моќ да го вратам сето тоа назад. Сигурно е дека сум чувствително оштетен, не затоа што некои луѓе ја споменуваат националната основа, воопшто не мислам дека треба да се размислува на тој начин. Криво ми е затоа што се уништува нешто што има културна историја, а се разбира и лично многу значајна за мене како уметник.

Навистина е чудно што се случува ова во еден град каде што денес се изучува уметност на факулетот за уметности при Универзитетот во Тетово. Сметам дека не е добар пример за било кој од идните надежни уметници без разлика на нивната националност.

Вашата историја е богата со различни дестинации кои многумина би ги нарекле перспективни за уметноста од Македонија, но вие сте одлучиле да останете овде и тука да создавате дела. Има ли некоја посебна причина?

-Имам направено околу педесетина изложби во Македонија, четири изложби во Париз, Берлин, Нирнберг, Виена, Њујорк и сето тоа одеше преку министерството за култура, под нивно покровителство. Имав голема поддршка од нашата држава и сакав да останам да творам во мојот град, во мојата држава. Убавината е во самата оригиналност на местото во кое живеете, кога делата не се оттуѓени од вас ниту пак вие од родното место. Не сакав да живеам ниту во Скопје, затоа што убаво ми е овде, оние кои што треба ме познаваат и ја познаваат мојата уметност и тоа ми е доволно.

       

„Мртва природа“

„Сведоци“ – од изложбата во националната галерија Чифте Амам што беше организирана во 2019 година       

Ученик на еден од најистакнатите и најуспешните уметници во Македонија, Лазар Личеновски, Кузмановски го завршил своето средно образование во тогаш наречената Школа за применета уметност во Скопје. По завршување на ликовната академија во Белград се вратил во Тетово каде повторно во допир со уметноста почнал да работи како моден креатор и моделар во една од најголемите фабрики во нашиот град, фабриката „Тетекс“.

Вработен како моден креатор, Павле се присети на деновите кои биле со полни можности за патувања, организирање на саеми и модни ревии. Сподели дека во тој период паралелно се занимавал со сликање во своето ново ателје кое и ден денес го користи.

Во меѓувреме има целосно насликано неколку цркви во околните села на градот Тетово. А, една од најповолните години за неговата кариера е 1980-та година кога со помош на министерството за култура добил стипендија за работење и осум месечен престој во Франција.

За престојот во Анже, Франција вели дека му овозможил простор да работи на себе, да се надоградува и исполнува. Кога се вратил од таму почнал да работи поинтензивно на сликањето и ја напуштил работата како моделар. Себе се опишува како човек кој не се плаши да остане без константни примања и вели дека е најважно да се работи континуирано и постојано.

 

Ангела Бошкоска