АПАСИЕВ ГО ОПОМЕНА ЏАФЕРИ ЗАТОА ШТО ГО СИМНА ОД ДНЕВЕН-РЕД ЗАКОНОТ НА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ, БЕЗ ДА ГО СТАВИ НА ПОВТОРНО ГЛАСАЊЕ

0
27

Наместо, по ветото од Пендаровски, денеска во парламентот да оди на прегласување контроверзниот Закон, што го изгласаа СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, министерот Бочварски најави дека за две недели ќе биде готова првичната верзија на новиот закон

 

Пратеникот на Левица Димитар Апасиев реагираше во почетокот на денешната собраниска седница до спикерот Талат Џафери затоа што го повлекол од дневниот ред на денешната седница Законот за легализација на бесправно изградени објекти, наместо да го стави на повторно изјаснување, поради ветото од претседателот Стево Пендаровски.

„Со каков легитимитет тргате точка која веќе не е предлог-закон, туку закон, како што и самите сте навеле во првичниот дневен-ред. Владата, како предлагач на законот, има право да го повлече додека е предлог, а откако тој закон ќе биде изгласан, улогата на предлагачот станува небитна“,

рече Апасиев, посочувајќи на одредбите што се однесуваат на процедурата за трето читање на закон што не го потпишал шефот на државата.

Џафери одговори дека го повлекол Законот од дневен ред откако Владата, на барање на повеќе субјекти, информирала дека го повлекува законското решение од процедура и дека же достави ново.

Според Апасиев, Џафери требало да го остави на дневен ред Законот, за кој рече дека сложно го изгласале СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, и да овозможи повторно гласање за него. Во таква ситуација, како што наведе, можеби трите партии ќе постигнеа договор овој пат да не го изгласаат контроверзното законско решение и тоа и така немаше да стапи на сила.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави денеска дека моментно се прават консултации со Асоцијацијата на архитекти, Комората на овластени инженери, НВО-секторот за ово законско решение за легализација на дивоградбите. Тој рече дека очекува за две недели да биде готова првичната верзија на новиот закон за легализација на дивоградби, која ќе биде промовирана пред јавноста и во Собранието.

Бочварски рече дека, по изготвувањето на новиот закон ќе следи дебата со сите политички партии. Очекува да се донесе законот во интерес на граѓаните кои се од социјално ранливите групи, бидејќи, како што вели, доколку не му се даде зелено светло, во тој случај општините ќе можат да ги уриваат ваквите домови, кои се над 50 000.

„Секако, работиме и на спречување можни злоупотреби што би настанале со овој закон. Тука секако зборувам за градбите, кои се во заштитените зони и подрачја, кои, иако и претходно беа ограничени, сепак се согласуваме дека треба целосно да бидат изземени од законското решение и со внимателен пристап очекувам дека ќе дојдеме до најдоброто решение за граѓаните“,

рече Бочварски.

Извор 360°