(ВИДЕО) ГРЦИЈА СТАПИ ВО ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ПОРАДИ НОВИОТ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ

0
37

Во Грција денес почна со 24-часовен штрајк кој го сопре јавниот превоз и други услуги, пред парламентарното гласање за новиот закон за труд, чии противници велат дека ќе донесе подолго работно време и поткопување на правата на работниците.

 

 

Тоа е вториот генерален штрајк за една недела поради законот за кој владата во Атина тврди дека ќе ги модернизира застарените прописи од областа на трудот, пренесува Ројтерс.

Јавниот превоз во Атина денес сопре, бродовите останаа вкотвени во пристаништата, а многу автобуски, подземни и железнички услуги беа сопрени.

Работници од други сектори исто така ја прекинаа работата, а се очекува дека ќе се придружат на протестните собири во центарот на Атина, пред денешното гласање за тој закон.

Конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис, која стапи на должност во 2019 година, соопшти дека со реформата ќе се модернизираат „застарените“ закони кои датираат од времето пред постоењето на интернетот, кога повеќето работници во исто одредено време работеа во канцелариите и фабриките.

Синдикатите нацрт законот го опишаа како „монструозност“, барајќи негово повлекување, бидејќи, како што тврдат, ќе се укинат одамна утврдените работнички права и ќе им се овозможи на компаниите „на мала врата“ да воведат подолго работно време.

Најспорниот дел од законот ќе овозможи вработените во еден ден да работат и по 10 часа, за следниот ден да работат пократко.

Синдикатите стравуваат дека тоа ќе им овозможи на работодавачите да ги примораат работниците да прифатат подолги работни саати.