ВМРО-ДПМНЕ СЕКОЈ ДЕН ОД 15 ДО 17 ЧАСОТ ЌЕ ГО БЛОКИРА СКОПЈЕ СЕ ДОДЕКА ВЛАДАТА НЕ ГО ПОКАЖЕ „ПАТОКАЗОТ” ЗА СОФИЈА

0
20

ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека на преговарачката маса за симнување на ветото од Бугарија се ставени идентитетот, јазикот, културата, односно постои опасност за бугаризација на Македонија. Повикувајќи се на сериозни дипломатски извори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг рече дека двоецот Заев-Бучковски преговара со техничката бугарска влада за делови од декларацијата, која беше усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година.

Според Мицкоски, има две решенија за Македонија да добие зелено светло за отпочнување преговори за членство во ЕУ. Првото решение, за кое смета дека е најмалку веројатно, е Европскиот совет да донесе одлука без условувања и да извршат притисок врз бугарскиот претседател Румен Радев и техничката влада. Но, за ова да се случи, според проценките на Мицкоски, шансите се 5 отсто.

Во второто решение, според Мицкоски, има две потпатеки. Првата потпатека е двоецот Заев-Бучковски да прифати дел од бугарската декларацијата и директно да преговараат за идентитетот, јазикот и за културата, и тоа според него ќе бидат преговори без крај. Втората потпатека е сите овие барања да бидат прифатени усно со изговор дека Бугарија има техничка влада и дека преговорите за спорот ќе продолжат откако ќе се формира новата влада. Тој вели дека доколку се случи второто сценарио, проблемот со Бугарија нема да остане само меѓу Македонија и Бугарија, туку ќе прерасне во проблем меѓу земјава и ЕУ.

На средба со претседателот Стево Пендаровски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека, меѓу другите теми, го информирал и за ова. Никој од Владата не комуницирал со претставници на најголема опозициска партија во врска со ова прашање, вели Мицкоски и посочува дека евентуална лидерска средба нема да помогне.

Мицкоски најави дека од утре излегуваат на предупредувачки протести во Скопје и други градови низ земјава со едно единствено барање, а тоа е Владата јавно да го објави таканаречениот „патоказ“ за преговорите со Бугарија. Доколку не се даде тој документ на увид на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе и други активности, како институционални блокади и слично. Протестите ќе бидат од 15 до 17 часот на три локации во Скопје, пред Собранието, пред ТЦ „Мавровка“ и пред зградата на поранешна „Нова Македонија“.