ГЕОРГИЕСКИ: НЕЗАВИСНО ОД ОДЛУКАТА НА УНЕСКО,ПОСВЕТЕНО РАБОТИМЕ ДА ГО ЗАЧУВАМЕ ОХРИД КАКО НЕПРОЦЕНЛИВО БОГАТСТВО

0
18

Независно од одлуката на УНЕСКО во однос на статусот за заштитено подрачје на Охридскиот регион, локалната власт работи посветено за да го зачува како непроценливо богатство, вели градоначалникот Константин Георгиески по објавувањето на извештајот во кој повторно се препорачува впишување на листата наследства во опасност. Според Георгиески, доказ за посветената работа е уривањето на дивоградбите кое рече дека ќе продолжи со засилено темпо пред почетокот на туристичката сезона.

„Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од следната сесија во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации. Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските процедури, и нема да има никаква селективност во постапките“

изјави Георгиески.

Градоначалникот ги повика уште еднаш сопствениците со истечени договори за концесија на плажите самите да ги отсранат објектите ,а сподели и високи суми на остварен приход на фирмите.

„Фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво“

додаде Георгиески.

Георгиески потенцира и дека заклучоците во извештајот на УНЕСКО се од јануари 2020 кога претставници на Реактивната мониторинг мисија го посетија регионот. Од тогаш, како што рече, било направено многу и тоа ќе се дискутира на следната сесија, кога ќе треба да се донесе и конечната одлука.

Извор 360°