ЗАЕВ: АКО УСПЕЕ ДИЈАЛОГОТ СО БУГАРИЈА, МОЖНО E НА 23 ЈУНИ ДА БИДЕ ПРВАТА МЕЃУВЛАДИНА СЕДНИЦА

0
21

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека верува дека ќе се изнајде конечно решение за исчекор во спорот со Бугарија. Тој вели дека прават сè и, како што рече, навистина има добра основа низ португалскиот предлог да се изнајде решение со Бугарија.

„Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина седница“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Премиерот се надева на средба со бугарскиот премиер, и како што вели, подготвен е да оди во Софија и да замоли за решение.

„Да замолам за решение на прагматични основи, знаејќи дека никој не сака да погази врз нашиот македонски јазик и македонски идентитет. Така и ќе биде, но сепак решението мора да го најдеме ние двете пријателски земји“, изјави Заев.

Компромисот, појасни тој, е дека секоја страна има право на своите ставови и да остави времето да ги решава.

Одговарајќи на новинарско прашање за учество во тв дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за спорот со Бугарија, Заев денеска изјави дека Мицкоски го има португалскиот предлог кај него во раце. Заев вели дека во моментов не гледа причина зошто да седне со Мицкоски на маса, но тоа може да се случи во прва прилика кога тоа нема да наштети на преговарачкиот процес. Португалското претседателство, посочи Заев, изненадувачки позитивно изработило инвентивно и креативно решение, за двете страни.

Тој уште еднаш ги повика ЕУ и Бугарија да и испорачаат на земјата тоа што и го должат.

Извор Р. С. Е