Курти: СРЕДБАТА СО ВУЌИЧ Е ПОЧЕТОК НА ИДНИОТ, А НЕ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОРАНЕШНИОТ ДИЈАЛОГ

0
30

Косовскиот премиер Албин Курти изјави денеска дека неговата средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, која треба да се одржи кон средината на месецов во Брисел, е со цел да се разговара за идниот дијалог меѓу двете држави, а „не како продолжение на претходниот дијалог”, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти изјави дека средбата во седиштето на ЕУ ќе биде негова прва лична средба со Вучиќ, ако не се смета нивното заедничко учество на тркалезна маса во Германија, на почетокот на 2020 година, со над 30 други учесници.

На средбата во Брисел, рече косовскиот премиер, ќе се види „какво може да биде следното поглавје на дијалогот”.

– Средбата која ќе се реализира во Брисел не е средба за продолжување на дијалогот. Тоа е прва средба на која прв пат пред себе очекувам да го имам претседателот на Србија, со кого се немам сретнато никогаш во животот, ако се исклучи тркалезната маса со над 30 учесници во февруари 2020 година на Конференцијата за безбедност која традиционално се одржува во Минхен. Значи, ова е прва средба и на неа ќе видиме какво може да биде следното поглавје на дијалогот. Ова е средба за идниот дијалог, а не средба за продолжување на поранешниот дијалог, порача Курти пред новинарите во Приштина.

Тој најави дека пред преговорите со Белград со посредство на ЕУ, ќе се одржи дебата во косовското Собрние во врска со досега договореното.

– Јас се сретнав со двајца од тројцата (косовски) опозициски лидери, а освен тоа ќе имаме и дискусија во Собранието во врска со досегашната состојба на минатиот дијалог, затоа што треба да видиме каде се наоѓаме во однос на некогашните договори и нивното реализирање и влијание, изјави Курти по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со која разговарал во врска со датумот на идните локални избори во Косово, кои треба да се одржат оваа есен.