Заев: Нема потреба од предвремени парламентарни избори

0
19

Нема потреба од предвремени избори поради повторената блокада од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, вели премиерот Заев. Американската амбасадорка Брнз најави продолжување на дипломатските напори, нагласувајќи дека иднината на земјата е во продолжување на евроинтегративниот процес.

И покрај ветото од Бугарија против почнувањето преговори со Европската унија, нема потреба од нови предвремени парламентарни избори во земјава кои би биле нерационални, смета премиерот Заев. Се надева на позитивен исход при словенечкото претседателство, но не очекува тоа да се случи пред декември. Важно е да се знае дека не преговараме за јазикот и за идентитетот- вели премиерот.

Разочарани сме што Македонија не ги почна пристапните преговори, вели американската амбасадорка Брнз. Од Вашингтон веќе е испратена пораката оти земјава ги има исполнето сите услови за влез во Унијата.

И додека Бугарија објави пет точки за кои инсистира земјава да ги прифати, Заев вели немаме никакви територијални претензии кон ниту еден од соседите, па ниту кон Бугарија.

Во однос на малцинството, принцип е на секоја држава членка во ЕУ или кандидат, да не се меша во внатрешните работи на друга држава, вклучувајќи ги и малцинските права кои се решаваат во Меѓународниот суд во Стразбур, потенцира Заев.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат- државата предводена од Заев доживува уште една блокада на патот кон ЕУ, како и фактот што Европската унија има и забелешки за криминалот на владата и недостигот на владеење на правото. Оваа порака треба да ја пренесе лидерот на опозицијата Мицкоски при средбите со лидерите од сестринскиот сојуз на Европската народна партија во Брисел.