Запрен процесот на имунизација, Филипче најавува продолжување на масовната вакцинација од крајот на месецот

0
27

100.000 вакцини на „Фајзер“ преку Ковакс системот ќе стигнат во С.Македонија на 28 јуни, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Тој додаде дека половина од порачаните вакцини „Синовак“ од Кина ќе бидат испорачани на 27 или 28 јуни, а до крајот на месецов ќе дојде и останатата пратка од 250.000 кинески вакцини. Со овие дози, ќе бидат опфатени сите граѓани кои искажале интерес за имунизација на сајтот vakcinacija.mk.

„Значи дека на крајот на следната недела се очекуваат овие големи количини на вакцини за да таа недела после тоа значајно се забрза процесот на вакцинација, да во период не подолг од две недели сите пријавени граѓани кои што чекаат термин а тоа се близу 180.000 добијат термин и се вакцинираат и да после тоа практично ги отвориме пунктовите да моат сите кои што ќе покажат воља да се вакцинираат на лице место“, рече Филипче.