Левица бара оставка од Талат Џафери

0
24

Од име на македонскиот парламент Џафери во Брисел, во Комитетот за надворешни работи, на присутните им се обрати на албански јазик, иако според Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик, е обврзан во меѓународна комуникација да го користи македонскиот јазик.

Со својот настап на албански јазик во Европскиот парламент претседателот на Собранието Талат Џафери ги прекрши Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик и за тоа треба да одговара кривично и да си поднесе оставка од сегашната функција, сметаат политичари и правни експерти.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека ќе бара поддршка уште од тројца пратеници за да поднесат интерпелација за шефот на законодавниот дом Џафери. Тој вели дека неговото обраќање на албански јазик пред Комитетот за надворешни работи во рамките на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“, е кривично дело и смета дека институциите треба да реагираат.

– Го повикувам Основното јавно обвинителство да поведе постапка, во спротивно ние ќе поднесеме кривична пријава. Со ова не само што направи дипломатски скандал, не само што е спротивно и на членот 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик, туку тој направи и кривично дело против честа и угледот на Република Македонија и излагање на подбив на македонскиот народ и на македонскиот јазик, кој е единствен јазик за службена комуникација во дипломатските и надворешни односи – вели Апасиев, кој е и професор по право.  

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов, побара отчет од шефот на законодавниот дом зошто не го почитува Уставот. Тој за „Слободен печат“ рече дека секој политичар што ќе излезе од Република Македонија и ќе зборува за меѓународната политика или на меѓународни настани треба да го користи македонскиот јазик, а Џафери треба да даде објаснување зошто се обратил на албански јазик.

– Согласно со Уставот, секој политичар кој ќе излезе од земјава и ќе зборува за меѓународна политика или на меѓународни настани, треба да го користи македонскиот јазик. Понатаму е лично прашање за претседателот Џафери зошто се обратил на албански јазик и се надевам ќе даде свое објаснување – рече Трајанов.

Според професорката по уставно право Тања Каракамишева, претседателот на Собранието Талат Џафери со своето обраќање пред Европскиот парламент на албански јазики го прекршил Амандманот 5 од Уставот на Македонија каде што стои дека на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

– Исто така, Џафери го прекрши и Законот за употребата на македонскиот јазик каде што прецизно е наведено дека во меѓународните односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика, македонскиот јазик е единствен официјален јазик. Во земјата продолжува трендот и практиката на прекршување на Уставот и на законите од највисоките политички претставници  со што директно се повредува владеењето на правото – вели Каракамишева.

„Слободен печат“ побара став од Кабинетот на претседателот на Собранието, но оттаму кратко посочија дека засега немаат одговор на прашањето.

ИЗВОР СЛОБОДЕН ПЕЧАТ