Царовска: Од први септември учениците се враќаат во училиште

0
18

Се подготвуваме од први септември сите ученици да се вратат во училишните клупи под протоколи за заштита од Ковид-19, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во вечерашното гостување во Тема на денот на телевизија Сител.

Царовска истакна дека Планот и Протоколите денес беа усвоени од Владата.

„ Новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и најпосакувано сценарио Секако, наставата ќе се одвива со усвоени протоколи, носење маски, проветрување и мерење на температура“, рече Царовска.

Министерката потенцираше дека целта на МОН е да обезбеди континуитет на наставата, но и заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. МОН сериозно пристапува и има уште две алтернативни сценарија, но дали и кога ќе се применуваат ќе зависи од Комисијата за заразни болести.

Доколку епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина. Или, да се примени третата алтернатива, која предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн.

Царовска истакна дека сите три сценарија се поткрепени со соодветни протоколи за заштита на здравјето на учениците и наставниот кадар, а со тоа и на јавното здравје и за истите јавноста ќе биде навремено информирана.