Топлотниот бран ќе ја ожнее пченицата во струмичко пред време

0
21

Топлотниот бран со температури близу до 40 степени Целзиусови им задава главоболки на земјоделците во струмичко. На удар најмногу се културите засеани на отворено, а според експертите најголеми штети се очекува да има кај пченицата, која е во фаза на зрење и пред собирање.

– Житните култури претрпеа топлотен удар и прашање е колкав ќе биде приносот. Покрај нив, големи штети има и кај овошните насади, бидејќи оваа година, ако се следи во континуитет, е една од најнеповолните. Кајсијата, праската, црешата, вишната, крушата и јаболката најпрвин претрпеа оштетувања од пролетните мразеви, а сега одиме во друга крајност, во која летото почна со необично високи температури. Пред некој ден неколку земјоделци од Валандовско се пожалија дека им испукале термометрите во пластениците, каде температурата е повисока и за 20 степени повеќе од таа надвор, вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.

Градинарите информираат дека веќе бележат штети кај доматите засеани под пластеници, каде заради топлото време се случува цветот да се исфрли, а кај плодовите кои се во фаза на зреење доаѓа до згрчување.

– Најважно е навреме да се преземат мерки за заштита, односно да се врши засенчување и наводнувањето исклучиво да се врши во вечерните часови, рече Ристо Велков, земјоделец од село Василево.

Градинарот од село Банско, Даме Тренчовски, предупредува дека кај лутите пиперки во пластениците, кои иако се при крај на бербата, се појавува подгорување.

Ескпертите советуваат земјоделците да се придржуваат кон пропишаните мерки за заштита, бидејќи топлото време е идеално за развој на болеста пепелница, посебно кај лозјата.

Во саботата, во три села од атарот на општина Босилово, градот уништи посеви со житни култури, бостан, овошни насади, пиперки и домати.

На 21 овој месец невремето со силен ветар и дожд, кое го зафати струмичкиот регион, предизвика штети на посевите во пластеници во селата Куклиш, Еднокуќево, Банско, Свидовица и Муртино.